Кочо Андоновски: Во Македонија ЛГБТИ заедницата се демонизира

Сподели

Не ме зачудува премногу како тука се реагира за случувањата во Орландо, затоа што ЛГБТИ Центарот за поддршка од самото отворање доживеа 6 напади, многу ЛГБТИ луѓе беа нападнати, а немаше некоја голема реакција ниту од граѓаните ниту пак од институциите кои требаше да дадат до знаење дека насилниците ќе бидат фатени и казнети, вели во неделното интервју за Радио Слободна Европа програмскиот директор на ЛГБТИ центарот за поддршка Кочо Андоновски.

kocho rse

Убиството на 50 луѓе во Орландо поради омраза во светот повторно ја отвори и актуелизираше темата хомофобија. Од згрозеност од ликување беа реакциите во Македонија. Што говори тоа за македонското општество?

Македонското општество за жал е многу затворено општество и општество кое не разговара за динамиките кои внатре во самото општество се случуваат и за различните групи кои заеднички опстојуваат на овој простор и во овој систем кој ние сме се договориле дека ќе го направиме наша заедничка држава. Не ме зачудува премногу како тука се реагира затоа што во изминативе години ЛГБТИ Центарот за поддршка од самото отворање доживеа 6 напади, многу други активисти и ЛГБТИ луѓе исто така доживеаја насилство, а немаше некоја голема реакција ниту од граѓаните ниту пак од институциите кои ќе требаше да дадат до знаење дека тоа е недозволиво, дека насилството не може да помине и дека насилниците ќе бидат фатени и казнети.

Во однос на хомофобијата, каде е Македонија на ранг листата ?

Македонија е на дното во Европа, претпоследна е во светот, и последните места ги дели со Русија, Белорусија, Азерјбеџан и Ерменија. Тоа е една страшна реалност која се надеваме дека во иднина ќе можеме да ја надминеме.

Може ли да се направи разлика од политичарите од македонскиот и албанскиот блок во однос на прашањата и проблемите на ЛГБТ заедницата?

Секако дека има голема разлика. Политичките партии од албанскиот блок се уште го третираат ова прашање како македонско прашање односно како прашање на македонската заедница, со тоа покажувајќи висока хомофобија, непризнавајќи дека во нивната етничка заедница исто така има ЛГБТИ луѓе А тие луѓе ние ги сметаме за уште поранливи, заради тоа што тие доживуваат повеќекратна дискриминација и повеќекратна маргинализација. Едно е затоа што веќе се припадници на одредена малцинска група заради етничкото потекло, а потоа внатре во тие малцински групи, доживуваат дискриминација и заради пол, род и сексуална ориентација.

Ги спомнавте албанските партии дека прашањето го третираат како македонско, како се однесуваат македонските партии?

Македонските партии имаат две линии, тоа е едната линија која оди од центарот кон лево,која мислам дека во моментов се случува еден еволутивен процес, заедно со шарената револуција и сите случувања, кој мислам дека тоа е еден од најдобрите ауками кој ќе излезе од овој процес. Тоа е еволуцијата, и признавањето дека има проблем таа заедница и признавањето дека треба да се работи на постигнување на еднаквост за таа заедница. Се уште сме на почетокот, ќе има многу работа, но таму гледаме веќе дека имаме партнери со кои можеме да разговараме.

А од другиот дел од политичките партии оние од центарот кон десно особено, пак одат во сосема друга линија. Тие ја демонизираат ЛГБТИ заедницата како предавничка заедница, како квислинзи, како некои кои се тука да го растурат здравото национално ткиво на Македонците кое е апсурд и кое е глупост, кое е само за дневно политички потреби и е од многу краток рок на упротреба. Секако мислам дека и таму ќе дојде до промена како што и во целата десница и во Европа и во САД кај републиканците дојде до промена и барање за спроведување на човековите права.

Сакам да додадам дека партиите во претходниот период кој на сопствена кожа почуствуваа што значи дискриминација, што значи селективна правда, доживеаа што значи да не те признава никој и да те омаловажуваат секој ден, им стана јасно што ние во суштина ние доживуваме во такви околности.

интервјуто во целост погледнете го тука