Работните групи во врска со законот за Јавно обвинителство денеска одржаа куса средба на која не беше постигнат договор – пренесува МИА.
Како што посочија министерката за правда Рената Дескоска и пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу нив имаат суштински разлики во ставовите и дека ќе остават простор во партиите повторно да бидат разгледани сите точки со цел нивно усогласување.
Дескоска рече дека имаат волја да отстапат до таму до каде што ќе се придржуваат во рамки на европските стандарди и дека надвор од тоа нема да отстапуваат.
“Имаме повеќе клучни разлики, процедурата за заштитни механизми, именување на обвинител на челото на новото обвинителство, потоа дали воопшто ќе има ново обвинителство – постои разлика, и трето преодот на случаите, водењето на случаите, значи да се направи солидна правна рамка ако веќе го укинуваме Законот за СЈО, треба тие работи да бидат правно изрегулирани со цел да нема никакво сомневање” – рече Дескоска.
Денешната средба на работните групи за законот за јавно обвинителство е прва по лидерската средба на Заев и Мицкоски која се одржа на почетокот на овој месец и од која не произлезе никакво решение.