И по 24 години од атенатот врз Киро Глигоров, нерешен случајот

Сподели

 

На денешен ден, пред 24 години, на 3.октомври 1995 година, беше извршен атентат врз тогашниот претседател на Македонија, Киро Глигоров.

Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот “Бристол” во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција до работното место во Собранието на Република Македонија. Бомбата, поставена во автомобил АМИ 8, експлодираше кога автомобилот на Претседателот поминувал покрај него.

Претседателот Глигоров го преживеа атентатот, но со тешки повреди во пределот на главата беше пренесен во Ургентниот центар. Во атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а како последица на задобиените повреди почина и случајниот минувач Христо Христоманов.

Од силината на експлозијата, Цитроенот беше целосно распарчен, а делови од возилото се разлетале наоколу. Експлозивната направа е  производство на ЈНА, а содржела еден килограм пластичен експлозив, со стотици челични топчиња кои имале смртоносно дејство во радиус од околу 50 метри.

 

 

Овој автомобил бил намерно избран за поставување бомба, затоа што има тенок лим, којшто може од експлозијата да се распадне во повеќе смртоносни шрапнели. Еден таков шрапнел и го убил возачот на Претседателот. Нападот се случи само еден ден откако македонскиот Претседател беше во Белград на средба со Слободан Милошевиќ,  при што претседателите на двете земји постигнаа договор за мегусебно признавање на двете земји.

По атентатот беше отворена обемна истрага од страна на МВР, под името „Автомобил“, во која беа вклучени и безбедносните служби на САД, Германија и Англија, но ниту нарачателите ниту извршителите до денес не се познати, a истражната постапка е се уште отворена..

Киро Глигоров почина на 1. јануари, 2012 година, на 94 години.