Филипче: Со укинување на квотите граѓаните нема да создаваат домашни аптеки

Сподели

 

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во вчерашната дебатна емисија „Економски магазин“ на Алсат-М телевизија посочи дека со укинувањето на квотите за лекови на рецепт граѓаните ќе имаат достапни лекови во текот на целиот месец без никакво ограничување.

„Достапни ќе бидат сите лекови од позитивната листа на лекови за коишто матичниот лекар ќе препише рецепт во кој било ден од месецот. Го решаваме повеќе деценискиот проблем. Спремни сме да ги пресретнеме сите предизвици и затоа се воведува контрола во издавањето на лековите. Граѓаните ќе можат да ги подигнуваат лековите со лична карта за кој било член од семејството или за кој било што го подигнува лекот“, истакна министерот Филипче.

Во дебатната емисија, министерот Филипче потенцираше дека со укинувањето на квотите граѓаните повеќе нема да треба да создаваат домашни аптеки, затоа што ќе имаат достапни лекови во секое време.

„Ова е мерка во интерес на сите пациенти. Малите аптеки нема да страдаат. Ќе има доволна количина на лекови и за луѓето кои живеат во малите, поодалечени места кадешто има само мали аптеки коишто не се дел од големите ланци на аптеки. Во периодот којшто следува резултатите директно ќе ги почувствуваат граѓаните преку оваа мерка. Но, системот дополнително ќе го зајакнеме и со воведување на нови лекови, ревизија на позитивната листа, начинот на препишување на лекови, електронскиот систем итн“, информираше министерот Филипче.

Во однос на прашањето за зачестените напади врз здравствените работници, министерот Филипче го осуди секое насилство врз кој било здравствен работник. Тој потенцираше дека срамно е да се закануваат и физички да се пресметуваат со луѓе кои се борат за животи на пациенти и за членови на фамилии, но и дека во моментот се прават анализи на буџетите на јавно-здравствените установи за решавање на системот со физичко обезбедување.

„Сега се прават анализи на буџетите на јавно-здравствените установи, да видиме дали ќе направиме една централна набавка или секоја посебно ќе го реши системот на физичко обезбедување. И своевремено, спремаме кампања за враќање на довербата помеѓу пациентите и докторите“, изјави министерот Филипче.

Министерот Филипче рече дека преземени се сет на мерки коишто ќе ги стимулираат младите лекари да останат и да работат во државата. Со мерката и јавниот повик за шест месечен платен стаж во висина од просечна плата на општ лекар, лекарите ќе го стекнат неопходното искуство за работа со пациенти. Зголемени се платите и дежурствата, а сега се прават и проекции за наредната година платите на докторите специјалисти да изнесуваат 100 илјади денари. Во 2018 и 2019 година дадени се близу 5000 илјади согласности за вработување, а за најмалку 10% е зголемен капацитетот во секоја јавно-здравствена установа.