МИЛОЗВУЧНОСТА НА ШАРЕНАТА РЕЧ – Соња АЈАНОВСКА ДЕЛОВСКА

Сподели

10375920_877409145608409_5994105648977664721_n

Шарената револуција е почетната интонација на новото време во Македонија. Демократско. Граѓанско. Интонација, која што секој композитор во себе ја носи, постапно ја доживува, оплеменува, и` дава дел од себе, за на крај таа комплетно да изблика од неговото битие. Конекцијата помеѓу творбата и творецот  ја одржува таа почетна интонација, која струи во неговата крв и само чека време кога ќе проструи низ целото тело. Како мисла, говор, порака, живот. Мелодија.

Македонија долго време беше под пресија на еден композитор, кој твореше весела, патриотска музика за ушите на несреќниот и запоставен народ. Пораката што тој им ја испраќаше, кај нив се претвораше во агонија на живеење. Концертите му беа посетени со слушатели и поддржувачи, поткупени со патриотско слепило и продадена послушност. Концерти, во кои десет години се слушаа истите песни, истиот вокал без промена на репертоарот. Страшно досадна и опасна пропаганда, пропратена со криминален оркестар на кој инструментите му беа насочени кон народот, а за жал, не увиде дека е против народот.

Во Македонија се појави една нова енергија на млади композитори кои во себе ја носат полетноста на едно ново мисловно-движечко творење. Позади себе, не носат ништо, освен мелодијата за подобар и чесен живот. Во себе носат речитост, тежина на збор, смиреност и зацртана цел. Ниту трага и глас од излитени фрази, напишани текстови за читање, ниту чекање на однапред купен аплауз. Публиката сама ги препознава нивните интонации, на која и самата и` се приклонува и почнува да ја пее музиката. Таа станува дел од оркестарот и чекори по патот на мелодијата. Распознава ново време. Ново граѓанско општество. Нова струја на мисли, говори и пораки.

Дали надпартиските цели ќе се распознаат? Колкава е цената на тој поход? Свесни ли сме дека на повидок е макотрпна борба со нашиот ментален склоп? Колку сме ние виновни, а колку нашите деца заслужни да црпат вода од загадениот и празен бунар?  Имаме ли образ да преќутиме што дозволивме, а што не направивме сиве овие години наназад? И пред се`, да се запрашаме: сакаме ли оваа наша земја да го оправда сонцето што го носи, или ќе ја чекаме тмината на нашата никаква судбина?

Морам, чувствувам голема одговорност пред себе и пред своите деца, да пронајдам  одговор на сиве овие прашања. Јас се одлучив мојата поддршка да ја дадам за подобрата иднина на сите нас! Не сакам и не прифаќам никакви шаблони за замајување на ситни души! Не прифаќам партиски игри и тендерски живот! Ќе се противам на секое ограничување на слободната реч! И не прифаќам опрост за одземената младост и егзодусот кој е рак-рана на ова општество! Сакам музика, а не излитени пароли. Сакам во мене да се роди интонацијата на новото време! Ја сакам милозвучноста на шарената реч!