Собир „Европска иднина за Македонија“ пред француската амбасада во Софија

Сподели

 

Под мотото „Европска иднина за Македонија“ денеска пред Француската амбасада во Софија е најавен мирен собир за поддршка на европските аспирации на Северна Македонија, јави БГНЕС.

-” Самиот настан не е против нешто, туку е за поддршка на Македонија и за забрзување на почетокот на нејзините преговори за членство во ЕУ”, изјави еден од организаторите на собирот, скулпторот Андреј Врабчев.

Врабчев најави дека е предвидено за време на собирот до Амбасадата да биде доставено писмо до францускиот претседател Емануел Макрон во кое се бара од него да ја преиспита својата позиција околу отпочнувањето на претпристапните преговори со Северна Македонија.

-” Местото на Македонија е во Европа поради многу причини, како географски, така и културни. Како што нашето место е во Европа, логично е и Македонија да биде дел од ЕУ. Крајно време е границата меѓу Бугарија и Македонија да биде европска, односно да биде слободна”, истакна Врабчев.

Според него, доколку Бугарија и Северна Македонија одново припаднат на два различни блока, ќе се создаде сценарио кое ќе биде многу драматично и ќе влијае врз целиот Балкански Полуостров. Во таков случај, смета Врабчев, земјава многу лесно може да западне во криза, бидејќи „има обиди за нејзина поделба, како и апетити кон не од трети држави“.