Меѓуресорска соработка во справување со насилен ектремизам и борба против тероризам

Сподели

 

„Со оглед на тоа што борбата против организираниот криминал е предизвик на 21. век, а неговото влијание се наметнува во сите сфери на општеството, успешното справување со овој феномен е неопходно и бара сериозен пристап од страна на сите институции надлежни за спроведување на законот. Безбедносните закани со кои се соочува Република Северна Македонија се слични не само со заканите во земјите од Балканскиот регион, туку и со земјите од ЕУ и САД, што наложува и нови форми на соработка и дејствување на меѓународно ниво. Во Република Северна Македонија постојат цврста политичка волја и јавна свест за интензивна и континуирана борба против транснационалниот организиран криминал и, во овој контекст, од страна на државата се прават напори, со поддршка и соработка од меѓународните институции, за развој на ефикасна правна рамка и воспоставување на специјализирани институции за сузбивање на овој вид на криминал, како и за побрза и поефикасна размена на информации на билатерална и мултилатерална основа, што е од особено значење.“

Ова меѓу другото, го истакна министерот Оливер Спасовски во обраќањето на отварањето на семинарот „Меѓуресорска соработка во справување со насилен ектремизам и борба против тероризам“ во организација на Канцеларијата за соработка со одбраната при Амбасадата на САД и Националниот комитет за борба против тероризам и насилен екстремизам.

Во Министерството за внатрешни работи во тек се интензивни процеси за зајакнување на институционалните капацитети на специјализираните единици, со развој и имплементација на методологија на работа, стандарди и континуирани обуки. Министерството ја препозна потребата од изнаоѓање на квалитетен механизам за борба против најголемата закана на 21. век – тероризмот, поради што во Бирото за јавна безбедност, во рамки на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал функционира специјализирана Единица за сериозен криминал и тероризам.

Предизвиците со кои се соочуваме во насока на сузбивање на транснационалниот организиран криминал, од година во година стануваат сè покомплексни и наложуваат продлабочување на меѓународната соработка помеѓу земјите од регионот, но и пошироко, особено во делот на меѓународната правна помош. За поефикасна борба со овој феномен во 2017 година беше воспоставен Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, како надлежно тело за градење на стратегии, координација на активностите помеѓу значајните субјекти во делот на рана идентификација, спречување, па сè до гонење и санкционирање на сторителите. Во таа насока, во месец април 2018 година усвоени се и двете национални стратегии со акциски планови за реализација на стратешките цели, и тоа за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот. Двата стратешки документа се развиени на заеднички водечки принципи и стратешки цели, кои се во функција на безбедноста и сигурноста на граѓаните, владеење на правото и демократските вредности и градење на инклузивни институции. На полето на борбата против тероризмот, Република Северна Македонија има силна соработка со земјите од регионот и меѓународната заедница, како и стратешките партнери – ЕУ, Советот на Европа, САД, НАТО, ИОМ, ОБСЕ и други меѓународни организации“, рече министерот Спасовски, посакувајќи им успешна работа на учесниците на семинарот