Нови хоризонти за соработка на Државниот архив со архивот на Руската Федерација

Сподели

 

Државниот архив подготвува заедничка публикација со Федералното архивско агентство на Руската Федерација за руската емиграција во нашата држава во првата половина на XX век. Тоа беше една од темите на средбата на д-р Емил Крстески, директор на Државниот архив со г. Андреј Викторович Јурасов, заменик-директор на Федералното архивско агентство (РОСАРХИВ), кој го посети Архивот во придружба на Н.Е. Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Скопје.

 

 

Притоа обострано беше истакната желбата за продолжување и продлабочување на соработката помеѓу двата државни архива, особено во делот на заедничкото подготвување на зборници на документи за историјата на двете држави, размена на искуства од областа на дигитализацијата, како и за организирање на научноистражувачки активности.

На состанокот присуствуваа и авторите на публикацијата, д-р Јасмина Дамјановска, советник во Архивот и д-р Ленина Жила, од Институтот за национална историја и беше утврдена динамиката за работа на заедничката публикација, која се очекува да излезе од печат кон крајот на 2020 или почетокот на 2021 година.