Нема изгледи и најави за обновување на прекинатите „преговoри за преговори“ од кои се очекуваше да ги седнат на маса лидерите на четирите политички партии, потписници на Договорот од Пржино. Нема ниту иницијатива за нови консултации ниту, пак, средби на пониските партиски ешалони.
Од преговорите, според заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во моментов „нема ништо“. Тоа е нејзиниот одговор на прашањето дали има контакти меѓу претставниците на политичките партии и обиди за обновување на преговорите.
Од ВМРО-ДПМНЕ за „Мета“ велат дека нивните ставови околу преговорите се јасни, а причините за нивниот прекин ги лоцираат во опозицијата.
– Нашите ставови се познати и јавно ги соопштивме. Ние не бегаме од разговори. СДСМ нека даде предлог и методологија каква смета дека е потребна за прочистување на избирачкиот список и ќе разговараме. Но, предлози од нивна страна нема – ни изјави директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски.
Во меѓувреме, Европската Унија повторно ги повика партиите да почнат дијалог за создавање услови за веродостојни избори.
Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, на прес-конференција по завршувањето на Советот за надворешни работи на Европската Унија, вчера во Луксембург рече дека политичарите во Македонија мораат да се заложат за отворен дијалог и дека треба целосно да се имплементира Договорот од Пржино.
Минатиот четврток, СДСМ соопшти дека преговорите се прекинати затоа што ВМРО-ДПМНЕ не сака да разговара за спорните гласачи во избирачкиот список и за регулацијата на медиумската сфера.
Од владејачката партија, пак, рекоа дека замрзнувањето на дијалогот не е по нивна вина, туку дека СДСМ не го прифатило нивното барање, новинар и медиум да не можат да бидат казнети.
Преговoрите за преговори тапкаат во место, партиите водат тешка рововска битка