Силен земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтер го потресе Драч, Албанија. Епицентарот бил на 10 км во длабочина во Јадранското Море во близина на Албанија, а тресењето го осетиле граѓаните во Бугарија, Косово, Италија, Црна Гора, Хрватска и во Босна и Херцеговина.
Според последните потврдени информации од Министерството за одбрана, има 9 мртви и досега околу 300 повредени, како и паднати згради по силниот земјотрес, јавуваат локалните медиуми.
Спасувачки екипи се максимално ангажирани во отстранување на урнатините од петкатница во Драч и повеќекатница во Туман. Според очевидци, под урнатините во зградата во Туман има девет лица – членови на две семејства.
Во Драч во урната зграда сѐ уште се заглавени најмалку десет лица, кои спасувачките екипи се обидуваат да ги извлечат.
„Ова е драматичен момент, треба да ја зачуваме смиреноста, да бидеме еден до друг и заедно да се справиме со состојбата. Ние ќе сториме се и со нашите големи пријатели ќе ја надминеме оваа ситуација. Храброст!Трпение! Солидарност,“ напиша албанскиот премиер Еди Рама на Фејсбук.
Нов земјотрес со магнитуда од 5,2 степени по Рихтер пред неколку моменти ја погоди Босна. Според пишувањето на локалните медиуми, епицентарот е во близина на Невесиње, а силно е почувствуван и во подрачјето на Сараево и на Мостар.