“Цариградски емигрант” – нов роман на Луан Старова

Сподели

 

Издавачкиот центар ТРИ, го објави новиот роман на писателот Луан Старова – “Цариградски емигрант, осумнаесеттиот по ред од неговата “балканската сага”.

Неуморниот автор, академик Луан Старова и во “Цариградски емигрант”  успешно продолжува  да ја следи и во романескни структури, да ја пренесува емигрантската сага на своето семејство, која трае од крајот на XIX  век до наши дни.

Во овој, тематски повеќеслоен роман се следат и бурните настани во времето на распадот на Османската империја и создавањето на нова Турција, со бурни историски последици на Балканот.

Старова, романот му го посветува на Али Фети Окјар, познат во историската литература и како Македонецот, кој бил роден во Прилеп, соученик и близок пријател на Мустафа Кемал Ататурк, уште во битолската воена гимназија.

Али Фети Окјар, покрај пријателството со Ататурк, бил и негов прв премиер на земјата, кој останал на високи позиции се до 1943 година, инаку човек во роднински врски со семејството Старова.

За прв пат кај  нас, по  Мустафа Кемал Ататурк, се расветлува ликот на  Македонецот, чиј живот бил поврзан со Македонија и која заслужува намошни истражувања.

Во мошне упатниот поговор, писателот Ферид Мухиќ, меѓу другото, нагласува:

-“Во романот емиграцијата се открива во сите свои противречности и величественост – како мака и спас, како сигма и како привилегија, за да се кристализира во неспоредливо чувство на метафизички копнеж…Токму во таа и таквата метафизика на емиграцијата емигрантскиот копнеж трепери, проблеснува и добива конкретни контури во романот “Цариградски емигрант.” Со тоа Луан Старова се промовира како еден од најдобрите познавачи и толкувачи на феноменот на емиграцијата како универзална состојба на човечкиот дух.”

Делата на писателот Старова се преведувани на дваесетина јазици и според странската критика, спаѓаат во редот на големите европски романи.

Веле Митаноски