Заштитата на децата од сите облици на загрозување е приоритет на институциите

Сподели

 

„Ретки се оние меѓународни правни акти кои што имаат толку силна поткрепа и поддршка како што е Конвенцијата за правата на детето на ОН, документ што веќе точно три децении претставува легислативна основа за универзалното право за сеопфатна заштита на децата. Како дел и од нашето законодавство, ова универзално право е институционално и општествено етаблирано како обврска, како наша должност постојано и бескомпромисно да работиме во заштитата и унапредувањето на животот на сите наши деца“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Конференцијата на УНИЦЕФ за ставање крај на насилството врз децата – Западен Балкан.

 

 

Притоа, тој забележа дека искуствата на модерните општества говорат дека, за жал, позицијата на децата е предмет на загрозување, на злоупотреба, на насилство различно по форма и обем, и дека тие мора да бидат во фокусот на постојана грижа и заштита.  Особено што многу од тие трауми остануваат како реални хендикепи со коишто жртвите мораат да се соочуваат и живеат. Според министерот Спасовски, низ призмата на полициското искуство честопати било евидентирано дека некогашната жртва наталожените трауми ги демонстрира со подоцнежно криминално или насилничко поведение. Оттука, проблемот нема само откривачко-репресивен карактер, туку неговата превенција и сузбивање се далеку покомплексни прашања на кои што заедницата треба постојано да посветува сериозно внимание и конкретна дејствителност, во партнерство со невладиниот сектор и со репрезентативни меѓународни асоцијации како што е и домаќинот на оваа конференција – УНИЦЕФ.

 

 

„МВР, во овој контекст, безрезервно ги поддржува сите иницијативи и предлози што ќе овозможат поквалитетна заштита на децата од насилство, унапредување на стандардите и нормите во тој сегмент, притоа максимално отворајќи се за меѓуинституционална соработка и акција. Во тој смисол никој не треба да има никаков сомнеж. Во крајна линија, ние не само како поединечни ресори, туку и како Влада демонстриравме силна политичка волја и решителност да се зафатиме со справувањето со сите тешки и наталожени проблеми, независно од каква природа се, така што јас сум убеден дека и на овој план, заеднички, ќе донесеме решенија кои што ќе значат поквалитетна нормативна и општествена грижа и заштита на децата од сите облици на загрозување, влучително и против насилството врз нив“, подвлече министерот Спасовски.