Претседателот Стево Пендаровски, по повод христијанскиот празник Свети Климент Охридски упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
“Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архиjерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Свети Климент Охридски.
Денот на патронот на Mакедонската православна црква има неизмерно духовно, културно и општествено значење. Чествувањето на Св. Климент Охридски како основоположник на Oхридската книжевна школа нема само национално значење. Неговото и делото на неговите учители, светите браќа Кирил и Методиј, ги надминува локалните и регионалните рамки и е од значење за севкупната европска култура. Затоа да го почитуваме и достојно да го продолжиме делото на Св. Климент Охридски, водени од неговиот хуманизам, трудољубивост и чесност.
Ви посакувам празникот да го поминете во мир и радост, исполнети со пастирска љубов и грижа за сите верници.
Нека ни е честит празникот и за многу години.” – порача претседателот Пендаровски.