ЗАЕВ: Нам ни треба судство кое одлучува, а не судство кое застарува предмети!

Сподели

 

“Нема компромис за вопоставување на правна држава и за владеење на правото. Нема компромис со криминалот. На тие што прават криминал, се знае каде им е местото.

Пукавме бомби, ги ставивме животите во залог за правната држава. И сега да – запреме? Нема шанси!!! Нема таков суд, судија, обвинител што ќе го запре овој процес! Нема шанси!!!

Дел од Судството и од обвинителството останаа последната тврдина на „заробената држава“.

Продолжија да ја контролираат работата и исходот на судските процеси во кои беа осомничени токму протагонистите на режимот. Наместо да се ослободат од сопствените окови, овие Сваровски судски центри на моќ застанаа на патот на правдата. Како последни упоришта на „заробената правда“.

Ова мора да престане веднаш! Тие институции мора да ја променат својата работа! И да одговараат пред граѓаните за својата работа!

Уште еднаш: Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, веднаш.

Нам ни треба судство кое одлучува, а не судство кое застарува предмети!

Го повикувам Судскиот Совет да ја оцени одговорноста на судиите за застарувањето на предметите и целосно да ја провери професионалноста и ажурноста на работата на судиите.

Ја повикуваме Европската Комисија, веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судските случаи за корупција и политички криминал.

Прочистувањето во судството е почнато!

Прочистување на судиите и обвинителите мора да има, зашто правда може да носат само праведни судии, а не кочничари на правдата.

Му се допаѓало тоа некому или не. Последните бастиони на заробената држава ќе паднат.

Мора да бидете подготвени да се залагате за тоа во што верувате. Владеењето на правото е една од тие работи. Владеење на правото, демократијата, слободата на говорот, слободата на изразување – не можеме да ги земеме здраво за готово.

Тие не се таму некаде, во некоја самопослуга па одиш и земаш колку што ти треба за денеска, за утре, за цела недела.

Замислете: ВМРО-ДПМНЕ владеењето на правото го имаше запишано во тефтерче. Го собраа во едно тефтерче. Го заробија во тефтерче. Ете толку беше лошо со ВМРО-ДПМНЕ. Ако се вратат, ќе биде – уште полошо.

Затоа нема да го дозволиме тоа! Режим – никогаш да не се повтори повеќе!”  – порача премиерот Заев на граѓанската трибина “На прав пат” во Скопје.

 

denesmagazin.mk