Анкета за предлог идејно решение за ревитализација на спортската сала „Наум Наумовски Борче“ -Партизан

Сподели

 

Организирање на граѓанска акција, оградување на објектот и анкета за предлог идејните решенија за ревитализација на спортската сала „Наум Наумовски Борче“ (Партизан), беа главните теми на разговор на средбата на работната група која ја водеше Иницијативата за спас и обнова на овој култен спортски објект.

 

Иницијативата за ревитализација на Партизан потекна од Општина Карпош, а целата постапка на конечно враќање во владение траеше речиси една година. На денешната средба, градоначалникот Стефан Богоев и присутните разговараа за активностите кои ќе се одвиваат во претстојниот период;

  •  Договорено е оградување на објектот, со цел да биде заштитен во текот на зимата и да се спречи негово дополнително уништување;
  • Исто така, договорена е граѓанска акција, за 28.12.2019 година (сабота), на којашто засегнатите институции, комуналните служби на Карпош заедно со граѓаните ќе го исчистат околниот простор (џебниот отпад и дел од градежниот шут), ќе се огради објектот и ќе се посочи Партизан како позитивен пример за трајна заштита на јавниот простор и соработка меѓу локалната самоуправа и граѓанскиот сектор;
  • Во јануари 2020 година, ќе бидат објавени двата предлог идејни проекти (изготвени на волонтерска основа од меѓународната невладина организација „Културно ехо“), при што карпошани ќе имаат можност преку гласање на веб страната да го одберат новиот изглед на Партизан.

 

 

На средбата се разговараше и за другите активности кои претстојат, како што е подготовката на основен проект, финансирањето на реконструкцијата на салата од страна на Агенцијата за млади и спорт и сл.

Градоначалникот Стефан Богоев се заблагодари до сите вклучени страни во процесот, претставниците од меѓународната НВО „Културно ехо“, советниците од Владата и од Агенцијата за млади и спорт.

Постапката за обнова на салата продолжува да биде инклузивна, со вклученост на институциите, граѓанскиот сектор и стручната фела.

denesmagazin.mk