Авионска несреќа во Иран – загинати Иранци, Канаѓани, Украинци, Швеѓани, Германци

Сподели

 

Меѓу патниците загинати во авионската несреќа во Иран биле 82 државјани на Иран и 63 Канаѓани, како и државјани на Украина, Шведска, Авганистан, Германија и Британија, пренесува МИА.

Украинскиот министер Вадим Пристајко напиша на Твитер дека меѓу загинатите има 11 Украинци, од кои девет членови на екипажот, 10 државјани на Шведска, четворица од Авганистан и по тројца од Германија и Британија.

Украинската компанија „Интернешнл ерлајнс“ објави дека ќе ги прекине сите летови кон Техеран на неодредено време.

Компанијата соопшти дека последниот технички преглед на леталото е извршен во понеделникот, додавајќи дека тие прават се што е можно за да се утврди причината за несреќата.

Украинската амбасада во Иран претходно соопшти дека проблем со моторот на авионот е причина за уривање на украинскиот авион во Иран, а не ракетен напад или тероризам.

Украинскиот авион „Боинг 737“ со 176 лица се урна кратко време по полетувањето од аеродромот во Техеран, при што загинаа сите патници и членови на екипажот.

– Авионот полетал од меѓународниот аеродром „Имам Хомеини“ во иранската престолнина кога еден од моторите се запалил — изјави портпаролот на иранската служба за транспорт, Касем Биниаз.

Пилотот изгубил контрола над авионот, пренесе иранската агенција Ирна.

Во авионот, кој летал за Киев, Украина, имало 167 патници и девет членови на екипажот.

Авионот се урна само неколку часа откако Иран изврши ракетен напад врз две бази во Ирак каде се сместени американските сили, во знак на одмазда за убиството на иранскиот генерал Касем Сулајмани.

МИА