РСБСП: Заштитете ги децата кога патуваат, користете соодветно детско седиште!

Сподели

 

Секој родител, односно секој одговорен возач треба да преземе се што е во негова моќ да ги заштити децата од повреди и загуби во сообраќајот. Една од најважните обврски на родителите, т.е на возачите  е токму обврска за користење на детски седишта за превоз на деца.  Иако не постојат прецизни статистички податоци за тоа колку се користат детските седишта во автомобил, сепак евидентен е фактот дека употребата на детските седишта за заштита на децата патници не е на потребното ниво.

 

 

Со цел подигање на свеста за поголема употреба на детските седишта, РСБСП со потсетување до возачите за обврските и придобивките од користењето на детско седиште во автомобил:

  • Согласно законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во патнички автомобил на задното седиште, смее да се превезува дете помало од пет години, во поставено посебно детско седиште кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин. Детето во овој случај треба да биде врзано со сигурносен појас од седиштето.
  • Според ЗБСП, во патнички автомобил на предното седиште, смее да се превезува дете до две години, ако возилото нема заштитно воздушно перниче, ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење на возилото, при што истото е прицврстено на седиштето на возилото со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување. Детето и во овој случај треба да биде врзано со сигурносен појас од седиштето.
  • Дете на возраст до 12 години,  не сме да се превезува на предното седиште. За деца над 5 години задолжително е користење на сигурносен појас без разлика на тоа што детето седи на задното седиште од автомобилот.
  • Според истражувања на релевантни меѓународни организации, во случај на сообраќајна незгода, детските седишта ја намалуваат смртноста кај децата за 50 отсто, а кај бебињата и до 70 проценти.
  • Користењето на детско седиште за во автомобил е задолжително за превоз на деца до 5 години независно од тоа  со која брзина го управувате возилото и независно од тоа дали учествувате во сообраќај во населено или надвор од населено место.
  • Родителите ја избегнуваат употребата на детски  седишта во автомобил убедени дека  детето е безбедно во нивната прегратка. Станува збор за погрешна перцепција.   Во случај на сообраќајна незгода со возило кое се движи со брзина од 50 км/ч, во моментот на судир,  предметите и телата во возилото продолжуваат да се движат со иста брзина со кое возилото удрило. Во тој случај, невозможно е со силата на човечката рака детето да се задржи безбедно во прегратката. Силата со која дејствува детето во таква ситуација е еднаква на сила на дејствување  на тело или предмет чија маса е  до 30 и повеќе пати поголема од масата на детето. Затоа, важно е да се потенцира дека,  дете  до 5 години, кога се превезува во автомобил,  единствено безбедно е да биде ставено во соодветно детско седиште.
  • Безбедноста на децата е одговорност на возрасните  и без разлика на тоа дали вашето дете се противи или не, без било какви оправдување или изговори, должни сте да ги преземете сите можни работи кои на било кој начин придонесуваат за поголема заштита на децата додека патуваат.