Димитров на „Германско-француската иницијатива за сеопфатна контрола на мало и лесно оружје во ЗБ“ во Берлин

Сподели

 

Денес во рамки на вториот ден од работната посета на Берлин, министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше на Вториот состанок од висок ранг на германско-француската иницијатива за имплементација на Патоказот за сеопфатна контрола на мало и лесно оружје во земјите од Западен Балкан, кој беше ко-претседаван од страна на МНР на Германија, Хајко Мас и МНР на Франција, Жан-Ив Ле Дриан.

 

 

Во своето обраќање на состанокот, министерот Димитров го поздрави заедничкиот ангажман, поддршка и внимание на Германија и Франција за тема со особено значење по безбедноста и стабилноста, осврнувајќи се на поглавните преземања на Северна Македонија на тој план по иницијалниот состанок во Париз во декември 2018 год.

Притоа, министерот Димитров истакна: „Еден поглед на мапата објаснува зошто безбедноста на Западниот Балкан е дел од безбедноста на Европа. Кога има политичка волја во регионот и кога Франција и Германија даваат заедничка поддршка и ангажман, напредокот е гарантиран. Кога Германија и Франција седат една до друга, не можам а да не упатам апел за вакво заедништво и по прашањето на пристапните преговори. Ако ЕУ сака да поттикне уште реформи и решавање на спорови во регионот, тогаш без одлагање треба да донесе одлука за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија.”

 

 

 

На состанокот учествуваа и Министрите за надворешни и внатрешни работи од Регионот, а во делегацијата на Северна Македонија учествуваше и заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу. Меѓу другите учесници на настанот беа и еврокомесарите за соседска политика и проширување Оливер Вархеји и за внатрешни работи Илва Јохансон, потоа Генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер и други високи претставници на повеќе меѓународни организации.

 

 

На маргините од конференцијата, МНР Никола Димитров оствари и повеќе куси разговори со колегите од Регионот, грчкиот алтернативен заменик министер Милитиадис Варвициотис, како и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер, генералната секретарка на RCC Мајлинда Брегу, заменик генералниот директор во ГД НЕАР Мачеј Поповски.

 

 

Активностите на Министерот Димитров продолжуваат со работен ручек на покана на германскиот МНР Хајко Мас, како и средба со францускиот МНР Жан-Ив Ле Дриан.