Османи и Димитров на средби Коваќ и Милошевиќ во Хрватскиот сабор

Сподели

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во рамките на работна посета на Република Хрватска, остварија одвоени средби во Хрватскиот сабор со Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Мире Ковач, како и со Претседателот на Комисијата за европски прашања, Домагој Иван Милошевиќ.

„Верувам дека претставува чест, но и вистински успех да се види Република Хрватска на чело на Унијата, за што покрај личните, сакам да ги пренесам и честитките на целата Влада, а верувам и пораките на пријателство во име на сите граѓаните на Република Северна Македонија“ истакна Османи, посочувајќи на европскиот моментум кој се отвора за целиот регион со Хрватското претседателство, а кој од вчера се засили и со новата предлог методологија на Европската Комисија. „Сметам дека со новата предлог методологија, навистина се отвораат потенцијалите за европските интеграции на претстојните самити на ЕУ, со што Претседателството на Хрватска со ЕУ навистина добива шанса да биде историско за целиот регион, особено за Република Северна Македонија“ истакна Османи.

 

 

„Имајќи ги предвид нашите блиски пријателски односи и вашиот интерес за целиот регион, верувам во хрватската посветена поддршка за нашите европски интеграции која ќе биде клучна за заеднички успех во наредните недели. Веруваме дека обновениот пристап може да резултира со двојна победа: отворање на преговорите заедно со усовршен пристапен процес. Нашите граѓани не се плашат од поголема строгост или враќање во поправна клупа доколку постои назадување. Напротив, така сметаат дека подобро ќе ги држат политичарите за збор. Повеќе бенефиции за реформаторите и повеќе санкции за тие кои одат назад врз основа на кредибилна објективна оценка за напредокот е чекор кој одамна го посакуваме. Крајно време е за започнување на здрава реформска конкуренција во нашиот регион“- потенцираше Димитров за време на средбата.

 

 

Во рамките на посетата, Османи и Димитров ќе остварат средба и со Премиерот на Република Хрватска, Андреја Пленковиќ, како и со Министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман.