Судијката Александра Поп-Стефанија го прекинала сослушувањето на осомничените во случајот „Тврдина“, по барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за нејзино изземање од предметот, соопшти Основниот суд Скопеј 1.
„Судијата на претходна постапка, пред да заврши со распитот на еден од повиканите лица по повод предлогот поднесен од страна на Јавното обвинителство за гонење кривични дела кои се поврзани и произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникации (СЈО) во јавноста познат како „Тврдина“, примил барање за негово изземање од страна на обвинителот кој постапува во истиот предмет. Со тоа судијата го прекинал сослушувањето на повиканите лица“, стои во соопштението од судот.
Барањето за изземање, заедно со предметот, Поп- Стефанија треба да ги достави до претседателот на судот, кој има рок од три дена да одлучи дали ќе ја повелече судијката од предметот или, пак, ќе го отфрли барањето.
„Судијата на претходна постапка, откако ќе ги комплетира списите на предметот, заедно со барањето ќе ги достави до претседателот на судот, кој во рок од три дена треба да одлучи по однос на барањето за изземањето на судијата“, стои во соопштението на судот.
Барањето за изземање на судијката следува откако таа не ги прифати барањата за притвор и за мерки на претпазливост на СЈО против Горан Грујовски, Гордана Јанулоска и другите тројца осомничени и ја оспори надлежноста на специјалното обвинителство за случајот „Тврдина“.
Од СЈО тогаш одговорија дека станува збор за одлука во која има апсурдни и нелогични тврдења.
СЈО бара изземање на Поп-Стефанија, судот има три дена да одлучи