Вработените во Халкбанк заедно со работници од Македонски шуми и активисти кои ја користат мобилната апликација HalkEco, денеска на падините околу велешкото езеро Младост спроведоа акција за садење 6.000 дрвја. Оваа локација минатата година беше зафатена со катастрофалниот пожар којшто уништи огромна површина боровa шумa. Дрвјата кои банката ги обезбеди и кои треба да помогнат за обнова на изгорените површини и повторно зазеленување на оваа туристичка локација, се резултат на кампањата HalkEco што започна минатата година и има за цел да ги поттикнува граѓаните на поголема физичка активност.
„Халкбанк посветувајќи се кон подигнување на еколошката свест во нашата земја, минатата година направи еден значаен чекор и во таа насока ја разви мобилната апликација HalkEco. Оваа апликација е одлично прифатена од страна на корисниците, не само од оние кои редовно спортуваат, туку и од обичните граѓани кои решија со нејзината употреба да дадат свој придонес во засадување нови дрвја и заштита на животната средина. Ние во Халкбанк сме задоволни што во моментов имаме речиси 4 500 корисници на апликацијата кои со својата физичка активност ни дадоа обврска да засадиме над 2000 дрвја, ова е обврска која како банка со задоволство ја прифаќаме. Со нивните изминати над 160 000 километри евидентираме и намалување на емисија на штетни гасови за над 20.700 CO2 кг. Се надеваме дека со денешната акција, која ќе опфати пошумување на површина од околу 3 хектари, ќе успееме да помогнеме побрзо да се санираат и последиците од пожарите кои лани не само што ја нарушија убавината на околината на езерото Младост, туку и ја намалија функцијата на „белите дробови“ на Велес “, вели Маја Наумовска Савеска од Дирекцијата за односи со јавноста во ХалкБанк.
Мобилната апликација HalkEco е дизајнирана така што на секои реализирани 80 километри, како кумулативна физичка активност на сите лица што ја користат апликацијата и се регистрирани на неа, Халкбанк засадува по едно дрво. На овој начин и банката и граѓаните стануваат одговорни за околината и придонесуваат за помасовно пошумување и засадување дрвја. Истовремено, сите кои ќе ја симнат апликацијата, со нејзиното активирање и користење при пешачење, трчање, возење велосипед или тротинет, добиваат HalkCoins. Банката преку вредни финансиски олеснувања за своите услуги и подароци, според вредноста на собраните HalkCoins, ги мотивира граѓаните да бидат физички активни, наместо да користат возило или јавен транспорт.