Заев: Снимките на Милошоски покажуваат зошто беше важно носењето на Законот за ЈО

Сподели

 

“Јас во објавените тонски снимки ја коментирам одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО после јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство.

Разговорот некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство.  Toa се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок на партии, кога се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство.

Неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за јавно обвинителство – покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд. Со ЗЈО овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази. Се зборува дека врховните судии јасно информирале дека ќе ја донесат одлуката што тогаш ја донесоа согласно законот за СЈО каде што е предвидено дека до 30.06.2017 неовластени разговори се докази, а после може да бидат само индиции. Се друго што се слуша во објавеното неовластеното снимање од Милошоски е само аргумент плус преку убедување на соговорниците и потврда, зошто треба да се донесе новиот закон за Јавното обвинителство.

ВМРО-ДПМНЕ се закопа, пушта снимки од разговори од време кога сите знаеа дека предметите на СЈО беа под закана – Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен.

Убаво да слушаат граѓаните како се ставани и вадени тонски парчиња во објавената снимка. Но и покрај тоа ВМРО-ДПМНЕ не успева да направи конструкција. Денес е јасно. Ние се боревме предметите да добијат правна разрешница, бидејќи како што се слуша во разговорот, таа беше загрозена.

Ја добивме битката, ние бевме за Законот и за правна разрешница на сите предмети од СЈО врз основа на обезбедените докази, а тие беа против законот и против правда.

Граѓаните знаат дека Милошоски и извршителот Мицкоски не сакаат да одговараат оние кои му овозможија на Груевски да побегне, тие се фокусирани на одбрана на криминал.

Сите добро знаат што препозна опозицијата во новиот закон. Ја препознаа сопствената одговорност за злоделата и криминалот што ги правеле. Носењето на законот беше важно за државата, за владеењето на правдата но и важно за нашите интеграции кон ЕУ бидејќи дадовме аргумент плус пред Унијата. Беше важно за да нашата држава, преку Собранието уште еднаш застане пред тестот на правдата. Беше важно за да осигураме дека силите кои водат напред, кон ред и поредок, кон европски стандарди се сериозно побројни од структурите кои се уште не се промениле и стојат на страната на криминалот и корупцијата. Беше важно, за да осигураме дека законодавната и извршната власт ги презеле своите одговорности, за да можеме со чиста совест да ги повикаме судиите и обвинителите да носат правда растеретени од малцинските структури на ДПМНЕ кои се за неправда” – изјави Зоран Заев за прес 24.мк, објавено на неговиот официјалн фб профил.