Во Музеј на македонската борба, на 26. февруари, во 19 часот, ќе се одржи промоција на стихозбирката „На погрешната страна“ на Пајо Авировиќ.
Промотори на книгата ќе бидат Sвездан Георгиевски и Владимир Мартиновски.
“Стихозбирката „На погрешната страна“ е своевиден амалгам на вештината на управување со зборот на авторот и насобраната мудрост, пренесена преку кристално чисти и бескрајно хумани пораки. Стиховите на Авировиќ никого нема да остават рамнодушен. Тие удираат директно во стомакот и срцето, при тоа интензивно делувајќи врз мозочните клетки. Со други зборови, „На погрешната страна“ го има оној непроценлив квалитет, неопходен за секоја врвна уметност – ве тера на размислување, при тоа приредувајќи ви непроценливо естетско искуство – вели Sвездан Георгиевски во рецензијата за книгата.
***
Пајо Авировиќ е роден во Скопје во 1966 година. Дипломирал ориентална филологија во Сараево и работел на универзитетите во Сараево и во Белград. Бил постојан соработник на неделникот „Пулс“.
Од 1997 година е во македонската дипломатска служба, каде што извршува повеќе одговорни функции, во МНР и во дипломатско-конзуларните претставништва во странство. Службувал во Париз, Њујорк и Тел Авив.
Автор е на романот „Џахиз и истребувачите на кучиња“ за кој ја добива наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ во 2005 година. „На погрешната страна“ е негова втора книга и прва збирка поезија.
„Гледано од брегот
Морето е поделено на две бои:
Блиску до нас луѓето е црно
Како да ги испило сите валканици на светот
Од средината е веќе небесно сино
Далеку од нас е вистинско море
Црно за луѓето сино за галебите
Што вреди и да сме на вистинската страна на историјата
Кога сме на погрешната страна на морето“
Илустрацијата и дизајнот на корицата е на Зоран Кардула.