АХВ: Контролите засилени, граѓаните да купуваат храна исклучиво од регистрирани објекти

Сподели

 

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги засилија контролите кај операторите со храна кои вршат онлајн – трговија и достава врз основа на телефонските нарачки на граѓаните.

 

Како што изјави за МИА директорот на АХВ, Зоран Атанасов, се проверува дали се почитуваат основните и посебните услови за дистрибуција на храна, правилата на Добра производствена и хигиенска пракса, како и дали се почитуваат препораките за спроведување на засилената дезинфекција на опремата и транспортните средства со цел намалување на ризиците и спречување на ширење на вирусот КОВИД-19.

-Во услови на зголемена побарувачка и потрошувачка на прехранбени производи, како одговорна институција за безбедноста на храната, до граѓаните упатуваме апел да внимаваат на безбедноста, односно да купуваат храна исклучиво во објекти кои се регистрирани и одобрени од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и кои ги исполнуваат условите за хигиена дефинирани со Законот за безбедност на храната и прописите кои произлегуваат од него.

Во однос на купувањето храна во маркетите, Атанасов апелира потрошувачите да обрнат внимание на рокот на употреба на производите, бидејќи е можно на пазарот да се пласираат и небезбедни производи со изминат рок.

-Поради набавката на поголеми количини храна, што е евидентно деновиве, апелираме да се внимава и на запазување на таканаречениот ладен синџир, храната соодветно да се чува и правилно да се ракува со неа. Ги информираме потрошувачите дека во потполна функција е интегрираниот систем за контрола на безбедност на храната на Агенцијата за храна и ветеринарство, односно од страна на инспекциските служби на АХВ контроли се вршат во сите фази на производството, преработката и трговијата со храна. На бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 и на електронската адреса на Агенцијата за храна и ветеринарство info@fva.gov.mk, граѓаните можат да ја пријават секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, потенцира директорот.

Според него, и граѓаните и компаниите од прехранбениот сектор треба да се придржуваат до мерките на Владата и препораките на Комисијата за заразни болести за спречување на ширењето на заразата од вирусот КОВИД-19.