Нема никакво сомнение дека здравствените работници се херои во борбата против коронавирусот.
Но, сепак, признание треба да се оддаде и на вработените во прехранбената индустрија со оглед на фактот дека многумина од нив, исто така се на првата линија на таа борба.
Поради одржување на ланецот на снабдување со храна, неопходно е да се заштити здравјето на работниците во производството, дистрибуцијата и продажбата на храна. Дополнителен проблем сега претставува пронаоѓање пат до потрошувачите, со оглед дека многу од вообичаените купувачи, како рестораните, кантините, училишните мензи и другите објекти, ги имаат затворено своите врати поради пандемијата.
Токму поради тоа што ланецот на снабдување е пореметен, се случува земјоделските производители во САД да фрлаат храна, додека, од друга страна побарувачката за храна вртоглаво расте – поради масовните отпуштања предизвикани од пандемијата, редовите пред банките за храна, пред добротворните организации кои помагаат на материјално загрозените, се сѐ подолги, наведува CNN.
Том Вилсак, кој во време на администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, беше на должност министер за земјоделие, поради тоа вели дека државата би требало да ја откупува храната од производителите и да ја дава на банките за храна.
Исто така, во САД опадна и бројот на берачи на фармите – многумина од нив и порано живееја и работеа во страв од депортација, а сега стравуваат и од заразување со коронавирусот, па во помал број доаѓаат на работа.
Сепак, моменталната ситуација не ги погодува само САД, и Обединетите нации предупредија на опасноста која ја претставува пандемијата за глобалниот ланец на снабдување со храна, поради затворање на границите, ограничување на движењето и пореметување во функционирањето на авионскиот и бродскиот транспорт.
Поради тоа, како што се наведува во еден извештај на ОН, земјите со мал број алтернативни извори на храна се изложени на висок ризик, а гигантите во прехранбената индустрија, исто така предупредија на опасност од криза во областа на исхраната, истакнувајќи го меѓународниот карактер на ланецот на снабдување, пренесува CNN.
Извор: https://www.b92.net/biz/vesti/svet.php?yyyy=2020&mm=04&dd=14&nav_id=1675260