ДОМ: Општина Струга веднаш да започне со отстранување на дивоградбите

Сподели

 

Зелената партија ДОМ е длабоко загрижена од вчерашната изјава за медиумите на градоначалникот на Струга, со која тој порачува дека во Струга не треба да се уриваат дивоградбите.

Според Кривичниот законик бесправното градење е кривично дело. Во член 244-а стои: Тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, ќе се казни со затвор од три до осум години.

Спротивно на заложбите на Владата за реализирање на препораките на УНЕСКО, општина Струга се уште не доставила инвентар на сите дивоградби и не започнала со отстранување на истите. Минатата година екологистите алармираа и за палењето на трската со цел подготовка на терените за узурпација на струшкото крајбрежје со нови градби.

ДОМ бара локалните и државните инспекторати за градежништво и за животна средина интензивно да спроведуваат инспекциски надзори и да обезбедат спроведување на законите и санкционирање на прекршителите. Општина Струга да ги имплементира препораките на УНЕСКО и Планот за управување со Охридскиот регион и да го заштити нашето единствено светско природно и културно наследство – се наведува во соопштението на ДОМ.