Друштвото на филмски работници на Македонија одбележува 70 години од своето постоење

Сподели

 

Друштвото на филмските работници на Македонија е основано на 21 мај 1950. Тоа е формирано како општествена организација што ги опфаќа филмските работници од сите профили. За прв претседател на ДФРМ беше избран Јован Бошковски, а Милтон Манаки, првиот снимател на Балканот беше избран за прв почесен член. Во него членувале и членуваат водечките авторски имиња кои стојат зад македонските филмски остварувања, велат од ДФРМ.

Друштвото е иницијатор, основач и организатор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографи. ДФРМ членува во Европската федерација на режисери, Меѓународната асоцијација на кинематографи и во Европскиот продуцентски клуб. Друштвото го врши изборот на национален кандидат за наградата Оскар на Aкадемијата за подвижни слики уметност и науки, во категоријата за најдобар интернационален филм. Во Друштвото моментално членуваат над 100 филмски професионалци, информираат од Друштвото на филмски работници.

Големиот јубилеј на ДФРМ ќе биде свечено одбележан во септември оваа година.