Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, во улога на Национален координатор за странска помош во земјава, заедно со Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, а во присуство и на евроамбасадорот Самуел Жбогар, на платото пред просториите на Секретаријатот за европски прашања, ја претставија пристигнатата помош од Европската Унија како поддршка за земјава при справувањето со КОВИД-19.
Министерот Филипче се заблагодари на Европската унија за оваа значајна помош.
„Тие беа едни од првите кои што ја понудија помошта и навистина пристигна. Тоа е уште еден доказ дека Европската унија е нашиот најголем партнер, и дека почетокот на пристапните преговори практично значи дека веќе на некој начин не сметаат за дел од големото семејство кое што меѓу другото значи и помош тогаш кога е најмногу потребна. Овие 20 респираторни машини (сега 8, претходно 12), кои се веќе дистрибуирани во повеќе јавни здравствени установи и веќе се користат за третман на пациентите, а таму каде нема пациенти болни од ковид, се користат и за друга индикација. Тоа е сериозен чекор напред кон зајакнување на нашиот здравствен систем, посебно таму каде што е најмногу потребна, а тоа се одделенијата за интензивна нега“, потенцираше министерот Филипче и додаде дека продолжуваме со соработката и понатаму.
„Во следниот проект којшто го отвори и понуди за нас Европската унија, ќе ги опремиме и ќе ги зајакнеме сите одделенија за интензивна нега ширум државата, тука на клиниките, двете болници во Скопје, клиничките болници и општите болници ширум државата. Уште еднаш благодарам на Европската унија, благодарам на сите амбасади од земјите-членки на ЕУ, заради тоа што своја помош понудија и дадоа и Бугарија, Чешка, Франција, Германија, и на сите други институции и компании кои овој изминат период ја понудија помошта на Министерството за здравство“, рече Филипче.
Освен респираторите, во рамките на помошта од ЕУ се обезбедени и по 10 перфузори и редуктори за кислород, но и огромна количина на заштитна опрема: преку 750 илјади хируршки ракавици, десетици илјади заштитни скафандери, заштитни наметки, заштитни очила, заштитни маски, каљачи итн. – опрема која веќе се користи од страна на здравствените работници на Инфективната клиника и останатите здравствени установи.
Опремата во вредност од четири милини евра која се става на располагање на нашата земја претставува само итна поддршка за здравствениот систем на земјава од страна на Европската Комисија, а самите земји – членки на ЕУ, во рамките на цивилниот механизам за заштита, како и во рамките на директната билатерална соработка, секојдневно испраќаат помош и поддршка што претставува доказ за заедничка борба против КОВИД-19.