Караџоски: Ако не се почитуваат мерките и Господ нема да помогне

Сподели

 

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше дека Комисијата за заразни болести веќе го доставила предлогот до Владата и во текот на утрешната седница ќе се дискутира за евентуална рестрикција на движењето, како резултат на зголемениот број на заболени од корона вирусот.

Анализата на епидемиолошките кластери покажала дека речиси сите нови случаи се врзани со некаква форма на собир или прослава во периодот околу 23, 24 и 25 мај, односно точно пред две недели.

„Една од дилемите која се појави е, ширењето во другите општини во Скопје надвор од првичните кризни општини Чаир, Сарај, Гази Баба и Бутел и тоа е очекувано, затоа што Скопје функционира како една целина и голем дел од овие нови случаи во други општини се исто така се резултат на семејни собири од истиот период“, додаде Филипче.

Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџоски рече дека она што се случи по олабавувањето на рестрикциите се должи на тотално непочитување на превентивните мерки, како што се носење на заштитна маска, спречување на групирање на повеќе од две лица.

„Тоа ни се врати како бумеранг за време на празникот Рамазан Бајрам и ифтарските вечери. Бројот на заболени почна да се зголемува заради непочитување на мерките. Дојдовме до состојба кога цела Европа па и светот ги олабавуваа мерките, а тоа го направивме и ние, очекувајќи дека ќе се почитуваат мерките. Крајно сум разочаран од непочитување на тие мерки “, рече Караџовски.

Според него, вториот бран на болеста ни се појави сега и од 26 мај наваму тој број речиси се поклопува со бројот на заболени во април. Зголемениот број на позитивни, Караџоски го поврзува со зголемениот број на тестирања кои покажале дека голем дел се асимптоматски и со лесна клиничка слика, речиси без симптоми.

Во презентацијата на бројките Караџовски истакна дека од 10 нови случаи, седум се асимптоматски, што покажува дека се намалува вирулентноста на вирусот, а бројот на пациенти кои се со тешка клиничка слика односно се на респираторна машина е нула.

Во врска со нападите од страна на јавноста за олабавување на мерките, Караџоски истакна дека тие се советодавно тело на Министерот за здравство и немаат никаква врска со Владата или друго министерство.

„27 години професионално ја работам оваа работа. Министерот Венко Филипче ми е тринаесетти министер. Ве молам тоа да го имате предвид, пред јавно да ме напаѓате. Не ми е пријатно и мене и на мојата фамилија. Но јас заради тоа ќе издржам, заради тоа што сум цврст како куче“, изјави Караџоски.

Прашан за личната одговорност поради зголемениот број на заболени, изјави дека секогаш давал стручно мислење како епидемиолог, за доброто на граѓаните, и доколку не се почитуваат мерките и „Господ да се симне нема да помогне“.

Директорот на Институтот за јавно здравје, Арбен Зибер, истакна дека во рамките на Скопје има 41 активен кластер односно 90 проценти од вкупниот број на заболени сочинуваат 20 кластери.

Оттука додаде тој ситуацијата е под контрола бидејќи се разботи за познати кластери и фамилии. Затоа апелираше да се избегнуваат групни собири, и да се носи заштитна опрема.