ИЛИ-ИЛИ: Објавен романот „На осамениот брег покрај морето“- Зоран Фериќ

Сподели

 

Во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или е објавен романот „На осамениот брег покрај морето“ на еден од најистакнатите современи хрватски писатели, Зоран Фериќ. Преводот од хрватски јазик е на Владимир Јанковски. Дизајнот на корицата е на Марија Смилевска.

Романот На осамениот брег покрај морето е составен од девет приказни чии главни ликови се легендарните далматински „галеби“, тие сурови ловци на женски срца и тела, еден вид заштитен знак на југословенските летувалишта во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век. 

Сместен на островот Раб, романот ги следи судбините на неколку (анти)херои и нивните бројни „подвизи“ на горчливо-духовит начин, специфичен за делата на Зоран Фериќ. Но, покрај машките ликови, слободно може да се каже дека поважни се блескаво разработените женски ликови, локални жителки и туристки, зашто тие ги диктираат нештата и околу нив се врти сѐ.  

Растењето и созревањето, неуспешните љубови, фината меланхолија што провејува низ епизодите во кои ги следиме животните приказни на клучните ликови на ова дело го вовлекуваат читателот во временски не толку далечното, но со блага копнеж натопено минато.

Зоран Фериќ (Загреб, 1961) дипломирал југославистика на Филозофскиот факултет во Загреб. Раскази објавува во списанија и весници од 1987 година, но првата збирка раскази, Стапицата за глувци на Волт Дизни ја објавува во 1996 година. Десет години подоцна за неа ја добива наградата „Декада“. За втората збирка раскази, Ангел во офсајд, објавена во 2000 година, ја добива наградата „Ксавер Шандор Гјалски“ и наградата „Јутарњи лист“ за прозна книга на годината.

Првиот роман, Смртта на девојчето со кибритчиња, го објавува во 2003 година, а романот Децата на Патрас излегува од печат во 2005 година. Шест години подоцна, во 2011 година, го објавува романот Календарот на Маите, за кој ги добива наградите „Владимир Назор“, „Јутарњи лист“, наградата на градот Загреб и наградата „Киклоп“ што ја доделува саемот на книга во Пула.

Романот На осамениот брег покрај морето излегува во 2015 година и одлично е примен како од публиката, така и од книжевните критичари во регионот.