Прекршочни пријави за дивите приклучени на водовод во Глумово, Шишево и Сарај

Сподели

 

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје со цел заштита на системот за водоснабдување спроведе акции за исклучување на диви приклучоци во скопските села Глумово, Шишево и Сарај. Против сите иматели на див приклучок на вода, поднесени се прекршочни пријави.

„Дивите приклучоци се забранети со Закон (Закон за водоснадбување, член 23) и истите се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општината и на Градот (Закон за водоснадбување, член 37), врз основа на што за сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде поткрена прекршочна постапка за сторено кривично дело“, се вели во соопштението на ЈП „Водовод и канализација“.

Од ова јавно претпријатие потсетуваат дека со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во Скопје. Претпријатието исто така апелира и ги повикува граѓаните на одговорно однесување, отстранување на дивите приклучоци и регуларно поднесување на барања за водоводен приклучок доколку за тоа имаат потреба.

„Мета.мк“ изминатиов период објави серија написи во врска со загубите на вода за пиење во скопскиот водоводен систем. Еден од главните причинители за високиот процент на неприходувана вода во Скопје се токму дивите приклучоци. Според проценките на ЈП „Водовод и канализација“, изгубената вода за пиење на годишно ниво поради дивите приклучоци лани се зголемила на 3.753.660 метри кубни вода.

 

мета.мк