“Со убедлива и стабилна предност, во моментот од над три пратенички мандати пред ВМРО-ДПМНЕ, со можност за едне или два уште повеќе нашата коалиција „Можеме“ е победничката коалиција на овие парламентарни избори. Најголема, најразнолика, најмоќна и победничка – тоа е МОЖЕМЕ! Волјата на народот се потврди! Победуваме!
Излегоа граѓаните и гласаа за СИГУРНА ИДНИНА, за ЗАЕДНИШТВО и СОЛИДАРНОСТ, за ЕКОНОМСКИ ПАТРИОТИЗАМ, за РЕД И ПРАВДА – излегоа граѓаните и избраа подобро денес и подобро утре.
Имавме избори како што доликува на земја членка на НАТО, која граби кон ЕУ. Мирни, достоинствени, слободни и демократски – безбедни и современи!
Ви благодарам на сите кои бевте активни учесници во ова ново поглавје од современата македонска демократија – сите вие кои излеговте на овие најспецифични избори досега, сите кои го остваривте вашето избирачко право и кои учествувавте во враќањето на капацитетот на институциите и сите кои презедовте одговорност. Ви благодарам на сите.
Среќен сум што граѓаните ги препознаа вистинските вредности и ни дадоа можност да ги продолжиме нашите прогресивни заложби за убава иднина на Република Северна Македонија.
Денеска, концептот парите кај граѓаните, го порази концептот – обнова на режимот. Концептот на интеграција, го порази концептот на изолација. Концептот што влече силно напред, го порази концептот што сакаше да враќа назад. Концептот Едно општество за сите, ги порази лажниот патриотизам, конфликтите и поделбите.
И време е, конечно, сите мрачни и назадни концепти да завршат во неповратно минато, а партиите кои нудеа вакви поразителни политики да започнат процес на реформирање.
Ќе градиме уште поодговорни институции, уште потранспарентна власт која уште повеќе ќе се грижи за своите граѓани. Вам ќе ви служиме. Ова ќе биде влада на граѓаните. Прво граѓаните, после партиите.
Ќе ја градиме нашата Северна Македонија како европска, модерна, дигитализирана, зелена, слободна, демократска, граѓанска, економски развиена држава – етаблирана членка на НАТО и преговарач со над 80 отсто отворени поглавја со ЕУ. Тоа е нашата цел, тоа е правецот, патоказот што го баравме, а вие денеска јасно го потврдивте преку вашиот глас. Најбрзо можно, влегуваме во процес на создавање нова, силна и уште поодговорна Влада, посветена единствено на граѓаните.” – изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев.