Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.
Експертите во секое ново истражување истакнуваат дека децата поминуваат многу повеќе време со медиумите отколку кога било до сега, па токму поради тоа предупредуваат на потребата тоа време да се ограничи, како и на ризиците што се јавуваат.
Времето со медиумите некогаш и сега
Истражувањето на (Kaiser Family foundation) објавено во 2010 година покажа дека дури и тогаш децата на возраст од 8 до 18 години просечно поминувале пo 7 часа и 38 минути на ден конзумирајќи медиумски содржини, иако тој број е всушност многу поголем ако се земе предвид дека децата често користат повеќе медиуми во исто време (на пр. додека играат видео игри слушаат музика на радио). Денес, тинејџерите посветуваат и до 9 часа на ден на медиумите. Затоа, не е чудно што дури 66% од родителите веруваат дека нивните деца поминуваат премногу време пред екраните, а 59% од нив сметаат дека нивните деца се зависни од мобилните уреди.
Кога зборуваме за помали деца, во Хрватска, во 2017 година Поликлиниката за заштита на деца и млади на градот Загреб го спроведе првото национално истражување за деца од предучилишна возраст и нивното време пред малите екрани. Резултатите покажуваат дека меѓу речиси 700 предучилишни деца, не постои ниту едно кое не користи барем еден електронски уред, и дека предучилишните деца поминуваат во просек 2,4 часа во текот на еден работен ден и 3 часа за време на викендите пред екраните.
Експертите посочуваат дека децата до 18 месеци треба да имаат минимален, или скоро никаков контакт со медиумите, децата од 18 до 24 месеци треба да гледаат исклучиво едукативна содржина под надзор, а децата од 2 до 5 години со медиумите треба да поминуваат максимум 1 час дневно во текот на неделата и за време на викендите до 3 часа конзумирајќи медиумска содржина. Во повеќето случаи, родителите не ги следат овие препораки.
Никогаш поголема популарност на апликација („Тик Ток“)
Иако YouTube е сè уште апликацијата на која децата поминуваат најмногу време, Тик Ток опасно и се доближува зад петици. Според најновите истражувања објавени 2020 година, децата просечно поминуваат по 85 минути дневно на YouTube и по 80 минути на Tik Tok.
Извор: Податоци за САД, Велика Британија, Шпанија, Кустудио, 2020 г.
Тик Ток е релативно нова социјална мрежа, лансирана под името Musical.ly, а во 2018 година e преземена од страна на кинеската компанија Byte Dance и и го менува името. Но, целата содржина и корисниците остануваат и автоматски се префрлаат на новата платформа. Апликацијата е наменета за создавање, уредување, коментирање и споделување на кратки видеа (до 15 секунди) на која било тема. Се здоби со популарност поради забавниот карактер и едноставноста на користење. Некои посочуваат дека апликацијата „Тик Ток“ е како створена за карантин затоа што подразбира снимање видеа во затворени простории – речиси сите видеа се снимени во соби или некаде внатре во домовите, додека на Инстаграм се поставуваат слики од патувања, дружења и разни активности на отворено.
Токму Тик Ток е одговорен за брзото зголемување на употребата на социјалните мрежи. Досега апликацијата е преземена повеќе од 2 милијарди пати, и само во првиот квартал на 2020 година, бележи дури 315 милиони преземања – повеќе од која било апликација досега во еден квартал.
Најголем број на корисници има во Индија, по што следат Кина и САД, со 800 милиони активни корисници месечно.
Иако и апликациите Instagram и Snapchat бележат големо зголемување на преземања и корисници, Фејсбук и понатаму останува водечката социјална мрежа.
Извор: Datareportal, 2020 година
Опасности на Интернетот
Иако социјалните мрежи и генерално Интернетот во целина имаат голем број предности, важно е да се биде свесен за ограничувањата и предизвиците кои се исправуваат пред нас.
Без разлика дали се работи за гледање телевизија, играње видео игри, комуницирање преку паметни телефони или активности на социјалните медиуми, медиумите лесно можат да станат средство кое предизвикува зависност. Кога зборуваме за Интернетот, мора да бидеме свесни дека тоа е огромен виртуелен простор во кој е невозможно законски да се регулираат сите интернет содржини.
Децата најмногу му пристапуваат на Интернетот преку паметните телефони кои се лесни и преносни и со тоа стануваат составен дел од активностите во секојдневниот живот на децата. Ги користат за време на оброците, пред спиење, веднаш по будењето, па дури и за времето што го поминуваат со семејството и пријателите. Токму затоа што децата можат да ги носат со себе каде и да сакаат, исто така можат и лесно да се сокријат од своите родители доколку сакаат потајно да го поминат времето сурфајќи. Исто така, децата и младите развиваат начини на користење на медиумите кои се сосема различни од оние што ги користат нивните родители. Тие веќе не прават разлика помеѓу реалниот и виртуелниот свет.
Покрај зависноста, постои голем проблем со содржината со која децата се среќаваат во медиумите. На пример на Тик Ток, социјалната мрежа која се здоби со најголема популарност кај децата, можеме да видиме дека во втората половина на 2019 година отстраниле дури 49 милиони видеа поради нивната несоодветна содржина. Во една четвртина од овие случаи се работело за голотија или сексуални активности.
Извор: zona.mk
Речиси сите социјални мрежи биле поврзани со некои скандали кои пак биле поврзани со корисниците. Така Тик Ток, во тоа време познат како Мusical.ly, се најде на суд заради нелегалното собирање на информации за деца под 13-годишна возраст и поради тоа се согласиле да платат казна од 5,7 милиони долари за кршење на Правилата на COPPA.
На Фејсбук минатата година беше објавена снимка во живо од масовното убиство на 49 лица во Нов Зеланд. Од Фејсбук посочуваат дека дознале за поставувањето на видеото на Интернет дури откога полицијата ги известила за тоа. Снимката била веднаш отстранета, но сепак била присутна доволно долго за луѓето да ја видат, да ја преземат и да продолжат да ја споделуваат на други социјални мрежи. Тука се јавува проблемот со препознавање на насилна и несоодветна содржина која се објавува на Интернет. Со проверката на содржината што се објавува на мрежите се занимава вештачката интелигенција, на која што, како што можеме да видиме од овој пример, многу лесно и промакнуваат содржини што никогаш не би смеело да се објават.
Речиси половина од родителите како загриженост во врска со употребата на нови медиуми, ја истакнуваат содржината што ги охрабрува децата на самоповредување. Еден случај што потврдува дека родителската грижа не е без причина е токму самоубиството на девојчето Моли Расел. Нејзините родители директно го обвинуваат Инстаграм за овој трагичен случај заради содржината до која нивната ќерка имала пристап преку апликацијата, а истата се однесува на цртежи, видеа и слики што покажуваат најразлични методи на самоубиство. По тој инцидент, Инстаграм се заложи дека ќе даде се од себе за да ги отстрани сите вакви содржини и дека ќе го спречи нивното објавување на мрежата.
Времето што децата го поминуваат со медиумите од почетокот на кризата со коронавирусот, односно пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19, драстично се зголеми. Доколку само го пресметаме вкупниот број на часови што децата наместо во класично училиште ги поминувале во онлајн настава преку Интернет или наставата преку телевизија, времето пред екраните веќе се зголемува, во споредба со периодот пред март оваа година. Покрај тоа, поради забраната за напуштање на домовите, наместо да играат на отворено, децата поминуваа повеќе време покрај екраните, комуницирајќи со пријателите или едноставно забавувајќи се со цртани филмови, серии, видео игри и особено со социјалните мрежи.
Употребата на (нови) медиуми запира само кога децата спијат. Пред избувнувањето на пандемијата, децата биле вклучени во интеракција лице-в-лице барем за време на часовите, а моментално и тој дел е префрлен во виртуелниот свет. Социјалните мрежи веќе не се алтернативен начин, туку станаа една од основните форми на социјализација на децата и младите.
Зголеменото време што децата го поминуваат со медиумите ја наметнува можноста тие да бидат изложени на поголем број ризична содржина. Со прекумерна употреба на медиумите и несоодветната содржина на Интернет, постои долг список на опасности со кои може да се соочат децата. Од лажно претставување, педофилија, насилство меѓу врсниците, хакерство, кражба на идентитет итн. Ова се се проблеми што нема да исчезнат со текот на времето, туку само можат да ескалираат.
Речиси сите експерти кои се занимаваа со влијанието на масовните медиуми врз децата ја истакнаа клучната улога на родителите. Родителите треба да имаат функција на медиумски едукатори кои ќе ги запознаваат децата од рана возраст со сите позитивни и негативни страни на медиумите. Сепак, самите родители честопати немаат доволно знаење и информации за новите медиуми и посочуваат дека децата се постручни од нив. Одговорноста честопати се пренесува на воспитно-образовните институции, а наставниците и учителите посочуваат дека тие самите не се доволно образовани за да ги едуцираат децата во однос на медиумите. Секој може да чека со прекрстени раце за некој друг да направи или преземе нешто или да се обиде да стори сé што е во нивна моќ за да им помогне на децата на најдобар можен начин да се справат со предизвиците со кои се соочуваат секојдневно.
Што можеме да сториме?
Можеме да инсталираме разни апликации за да ги следиме децата, да поставуваме правила и да воведуваме ограничувања што би можело да помогнат, но само едукацијата, комуникацијата во училиштето и семејството и поттикнувањето на децата да размислуваат критички може да делува превентивно и да помогнат во препознавањето на потенцијалните опасности.
Се наметнува прашањето, дали воопшто времето што децата го поминуваат со медиумите некогаш ќе се врати во состојбата во која што беше пред КОВИД 19, или, како и многу други работи, ќе стане „новото нормално“.
Денес, со толку голема медиумска доминација во животот на децата и младите, повеќе од кога било до сега, потребно е образование и охрабрување да размислуваат критички за медиумите. Време е медиумската писменост да го добие својот простор – во училиштето, семејството, приватниот и јавен живот – што одамна го заслужува.