На конкурсот за „Современи бајки од Македонија“, кој започна на 1. јули и траеше до 17 август 2020 година, пријавени се 442 бајки од 316 автори од земјава. Новиот конкурс е дел од проектот „Современи бајки од Македонија“, а го реализираат Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.
Авторски творби во следниот период ќе бидат селектирани, а ќе ги оценува стручно жиро, кое ќе избере четири бајки што ќе бидат илустрирани и издадени како посебни сликовници.
Поединечната награда за откуп на авторските права на една бајка ќе изнесува 25.000 денари. Се очекува избраните бајки да бидат објавени до крајот на годината.
‒ Во рамките на овој проект трајните вредности ги „оживеавме“ за модерните генерации и издадовме 54 бајки од Македонија, а големиот интерес за нив нѐ инспирираше да создадеме можност за нови современи бајки, кои во иднина ќе станат дел од македонската литературна историја ‒ истакна Ангелка Пеева-Лауренчиќ член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.
„Современи бајки од Македонија“ следи по големиот успех на претходните изданија „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“.
‒ Преку нашите заеднички проекти даваме простор на нови и млади автори да го покажат својот креативен потенцијал во делот на создавање на литературни дела, но и во сегментот на илустрација со што придонесуваме за развој на автентична илустрација и со интересни содржини ги поттикнуваме читачките навики кај најмладите ‒ истакна Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.
Покрај осум сликовници (4 бајки и 4 басни) и две луксузни збирки бајки, и тоа на повеќе јазици (македонски, англиски, албански, француски и германски јазик, како и на Браево писмо), во рамките на оваа соработка е издадена и бајката за деца „Мистериозното јајце“ на авторот Оливер Коларевски. Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови, го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ, кој во текот на целиот свој работен век им даваше огромна поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.