Џафери: Мајка Тереза е симбол на хуманост, љубов и грижа кон болните и сиромашните

Сподели

 

“Имам чест во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, денес, кога ја одбележуваме 110-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза, симболот на бескрајната хуманост, симболот на љубовта кон човекот, на грижата и сочувството кон болните, кон сиромашните и не толку среќните во животот, тука, пред оваа спомен плоча која ги симболизира темелите на родната куќа на оваа светски почитувана Албанка, да го изразам и споделам со сите вас тука присутни, чувството на искрена гордост што сум дел од овој собир” – изјави претседателот на Собранието Талат Џафери, на манифестацијата Денови на Св.Мајка Тереза.

 

 

“Во оваа прилика, сакам да им честитам на организаторите на оваа свечена академија, односно, Одделението за наследството на Гонџе Бојаџиу – Мајка Тереза при Институтот за културно и духовно наследство на Албанците и Граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“, кои со најголемата посветеност и сериозност продолжуваат да ги негуваат почитта кон нејзиното дело, продолжуваат да го одржуваат во живот духот на нејзината неуморна работа и го всадуваат во идните генерации истото чувство на хуманост, солидарност, пожртвуваност и на душевна мир што го дава правењето на добро дело, подавањето на раката за помош и раширувањето на рацете за прегрнување на друго човечко суштество, познато или непознато. Денес, повеќе од кога било, имаме потреба од овие својства.”

 

 

 

“Апелирам до сите вас тука присутни, и сите што се почитувачи на оваа ценета фигура, да бидеме совесни, да бидеме одговорни, да се грижиме едни за други, да се грижиме за блиските, познатите и непознатите, и на овој начин да придонесеме за победата над ова зло кое го има зафатено светот. Ова е нашиот предизвик, ова е битката што актуелните генерации треба да ја водат за да го поразиме современиот непријател, толку ситен а сепак, толку голем. Меѓутоа, како што рекла и големата Мајка Тереза, цитирам:

Одете дома и сакајте го своето семејство“, крај на цитат, затоа што, сѐ почнува од семејството, нели е така?!” – изјави Џафери пред присутните на манифестацијата.