ЗДС: Повторно се воведува трета смена за магнетна резонанца во поликлиниката Чаир

Сподели

 

Здравствен дом Скопје информира дека од септември повторно се воведува трета смена за магнетна резонанца во поликлиниката Чаир и веќе може да се закаже преку електронскиот систем МојТермин, соопштува Министерството за здравство.

Од ова министерство информираат дека сите други служби на здравствениот дом функционират редовно. Продолжува редовната работа на кабинетите за дигитална мамографија во поликлиниките Букурешт и Чаир, како и работата на Итната медицинска помош, прераспределбата на специјалисти интернисти во останатите градови во земјава како дополнување и помош на инфективните одделенија во Клиничка болница Штип и во болницата во Куманово.

– Во изминатиот период во континуитет се одвиваа прегледите во скопските поликлиники, а постојано работеа и дополнителните дежурни служби. Сега главната новина се однесува на повторното воведување трета смена за магнетна резонанца во поликлиниката Чаир. Апаратот за магнетна резонанца и апаратот за мамографија се нови современи дигитални апарати со кои се прават навистина квалитетни прегледи – посочува директорот, д-р Виктор Исјановски и дополнува дека на месечно ниво, магнетна резонанца прават околу 250 пациенти.

Побарувањата за ваквите прегледи се големи, а не станува збор само за пациенти од Скопје, туку и за, околу 30 проценти, пациенти од останатите градови во државата. Затоа, како што истакнува Исјановски уште лани е донесена одлука за воведување трета смена, со цел да се намали и чекањето за ваквите прегледи.

Од институцијата информираат дека новина е и воведувањето дигитални апарати за снимање скелет графии, кои се пософистицирани и со сосем мала доза на зрачење во поликлиниките во Чаир, Јане Сандански и во Ѓорче Петров.