На барање на Обвинителството, денеска продолжи со сведочење на бизнисменот Силјан Мицевски од Битола за предметот „Талир”.По предметот се води постапка за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашање дали некогаш донирал во ВМРО-ДПМНЕ, Силјан Мицевски изјави:
„Да, лично сум однел 10.000 евра кај премиерот Никола Груевски. За ВМРО-ДПМНЕ и индиректно сме донирале, за избори. Сме дале и на кошаркарскиот клуб МЗТ околу 70.000 евра. Требаше да платат некоја котизација за да не ги избришат од лигата и јас платив. Плативме не по наша иницијатива, туку по барање на одредени луѓе од партијата”, сведочеше денеска Мицевски пред Судот, кој се јавува и како оштетен во случајот „Меѓународен сојуз“.
Обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ го товари поранешниот премиер и партиски лидер Никола Груевски за „Злоупотреба на службената положба и овластување и за Перење пари и други приноси од казниво дело“. Покрај Груевски, обвинети се и Кирил Божиновски и екс-министерот Миле Јанакиески, кој е во куќен притвор.