Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземени сите потребни мерки за беспрекорна организација и одигрување на фудбалскиот натпревар од полуфиналето од Лигата на Нации помеѓу фудбалските репрезентации на Северна Македонија и Косово на 8-ми октомври (утре) на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Согласно препораките на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Одлуките на Владата, не е дозволено присуство на публика на натпреварот.
„Апелираме до граѓаните и да не се организира заедничко следење на натпреварот. Само со почитување на протоколите за заштита од ширење на Ковид 19 ќе помогнеме за што побрзо нормализирање на состојбата. До навивачките групи, со кои поголем дел од Секторите за внатрешни работи, односно Отсекот за превенција, одржаа средби, апелираме да се воздржат од инциденти, употреба на говор на омраза или други нарушувања на јавниот ред и мир, затаоа што тоа најстрого ќе биде санкционирано, вели Тони Ангеловски од МВР, за ЦИВИЛ Медиа.
МВР, во рамки на своите надлежности, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија и другите надлежни органи, постапува по однос на обезбедување на сигурноста на учесниците.
„Преземени се сите мерки и активности за гарантирање на безбедноста на фудбалерите и другите учесници од пристигнувањето во Скопје, за време на натпреварот и по одигрување на мечот. Министерството за внатрешни работи, исто така, ја информира јавноста дека во соработка со здравствените власти се преземени сите потребни мерки за почитување на протоколите за заштита од ширење на Ковид – 19“, вели Ангеловски.
Во пресрет на утрешниот фудбалски натпревар меѓу Северна Македонија и Косово, ЦИВИЛ упатува апел до сите навивачки групи да се воздржат од ширење на говор на омраза или насилство кои навивачките групи ги промовираат континуирано и со години.
ЦИВИЛ се залага за општество во кое владее слободата, еднаквоста и правдата, општество во кое граѓанките и граѓаните се чувствуваат безбедни и имаат доверба во институциите, каде што безбедноста, слободата на движењето и слободата на изразувањето се гарантираат со закон и со ефикасно функционирање на системот.
Општество во кое одредени групи постојано повикуваат и вршат насилство врз граѓаните, не може да биде здраво. ЦИВИЛ ги повикува надлежните институциите итно, решително и конечно да се справат и да ги санкционираат соодветно сите групи и поединци кои што шират омраза и повикуваат на насилство.