Премиерот Зоран Заев имаше заедничка прес-конференција со премиерот на Република Косово, Aвдулах Хоти во рамки на официјалната посета на нашата земја.
“Нашите држави имаат одлични билатерални односи и успешна соработка водена од принципите на меѓусебна поддршка и почитување”, изјави премиерот Заев.
“Во таа насока очекуваме интензивирање на политичкиот дијалог и одржување на веќе најавуваната прва заедничка седница меѓу Владите на двете земји штом условите ќе го дозволат тоа. Тој настан ќе биде позитивен импулс за натамошен развој и интензивирање на нашите односи и севкупната соработка.
Како придонес кон натамошно зацврстување на добрососедските односи очекувам дека испраќањето на 44 припадници на Армијата на Северна Македонија во составот на КФОР ќе ја зајакне натамошната стабилност како на Косово, така и стабилноста и безбедноста на целиот регион.
Со цел да ја унапредиме економската соработка и комуникацијата нагласено се работи на инфраструктурното поврзување на нашите земји како дел од регионалната соработка.
Сакам да истакнам дека нашата географска блискост дополнително ќе ја приближи изградбата на автопатот Скопје – Приштина. Тука со задоволство сакам да посочам дека од наша страна се во тек подготвителните работи за почеток на изградбата на автопатот Скопје – Блаце, кој е од посебно стратешко значење не само за нашите земји, туку и регионот..
Трговската размена меѓу нашите земји се одвива слободно без царини, согласно ЦЕФТА Договорот и Договорот за економска соработка.
За нас Косово е еден од најзначајните трговски партнери. Трговската размена меѓу нашите земји се одвива слободно без царини, согласно ЦЕФТА Договорот и Договорот за економска соработка. За ова повеќе од јасно говорат бројките: Северна Македонија е една од 5-те држави со кои Косово остварува највисока трговска размена. Имено и во вакви вонредни услови наметнати од КОВИД-19 вкупната трговска размена заклучно со август 2020 е речиси 170 милиони евра.
Го поздравуваме Договорот за нормализирање на економските односи меѓу Република Косово и Република Србија, кој беше постигнат во Вашингтон.
Воедно даваме поддршка на дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој е воведен од Европската Унија. Искрено посакуваме успех. Поддржуваме взаемно прифатливо решение кое ќе го гарантира и зацврсти мирот и безбедноста во нашиот регион, ќе овозможи просперитетна иднина за сите граѓани и ќе го забрза процесот на интегрирање во ЕУ”, изјави премиерот Заев.