МКЦ „Vita“ мултимедијална изложба на Филип Петковски, 26.октомври
„Vita“ е мултимедијална изложба на Филип Петковски, која го критикува објективизирањето на женското тело и ја истражува женственоста и комплексноста на човечката емоција.
Проектот вклучува краток филм во режија на Филип Петковски, авторски фотографии на Жарко Чулиќ, како и фотографии направени од непознати фотографи од првата половина на 20 век. Имено, овие црно-бели фотографии се едни од најраните извори, кои ја прикажуваат модата во тоа време, укажуваат на една поинаква естетика диктирана од социјалните норми на патријархалното општествено уредување и ни даваат една поинаква визија за концептот женственост. Фотографиите ги прикажуваат субјектите во различни секојдневни ситуации или социјални збиднувања.
Костимите на сликите се носии за невести или девојки од различни краеви на Македонија, кои сопствениците рачно ги изработувале, а тој процес некогаш траел и до две години. Нивните одлики како техниката на везење, мотивите и боите прикажани во облековните елементи, материјалот од кои се изработени, како и начинот на украсување на главата и телото јасно укажуваат на нивната етничка припадност, социјален статус или економска состојба. Фасциниран од естетиката на секојдневието во тоа време, често пати се прашував за комплексноста на животите на претставените ликови во строгите патријархални средини во кои живееле. Прашањето од каде се јави потреба за „Vita” е ефемерноста на фотографиите на жените во минатото и минливоста на емоцијата што ја носат со себе: Кои се овие жени? Каков век векувале? Каде биле и каде продолжиле по свечениот миг на фотографирање? Зошто никогаш не се насмеани? Биле ли малтретирани и тепани? Биле ли заљубени, среќни и задоволни од нивните животи? Биле ли исплашени за иднината?
Концепт и режија: Филип Петковски
Камера и фотографија: Жарко Чулиќ
Монтажа: Кирил Манчевски
Дизајн: Ивана Мојсовска и Филип Петковски
Учествуваат: Наталија Теодосиева, Ана Мојсовска, Слаѓана Вујошевиќ, Анастасија Данчевска, Мими Поп-Алексова, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Долорес Поповиќ.
Костимите се дел од приватните колекции на Филип Петковски, Антонио Стојчески
и Ване Наков.
Изложбата ќе биде поставена во МКЦ (Галерија 2) од 26 октомври до 1 ноември 2020. Огромна благодарност до Ивана Мојсовска, Антонио Стојчески и Ване Наков, кои помогнаа при реализирањето на проектот.
Филип Петковски е докторант на Катедрата за светска уметност, култура, и танц на Универзитетот во Калфорнија, Лос Анџелес, каде што работи и како асистент и предава предмети поврзани со танц и изведбени уметности. Филип се јавува и во улога на кореограф и танцов инструктор, режисер на театарски претстави во Македонија, САД и Норвешка и како автор на неколку академски трудови, кои обработуваат теми поврзани со танц, политики на идентитет и културно наследство.
Жарко Чулиќ е фотограф, кој во последниве неколку години се фокусира на модна фотографија. Жарко работи со уметници и модни магазини, учествува на повеќе групни изложби, а изработува и модни едиторијали со познати стилисти, дизајнери и модни куќи од Македонија и регионот.
*Настанот ќе биде реализиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален, а носењето маски и дезинфекција на рацете е задолжително за време на целиот настан.