Изложбата на Кондовски ќе биде продолжена до 15 ноември

Сподели

 

Првата изложба на илустрации на големиот ликовен уметник Димитар Кондовски во „Мала станица“ предизвикува големо внимание. Поради тоа, Националната галерија одлучи да ја продолжи изложбата за уште две недели, односно до 15 ноември.

 

 

Ретроспективата на илустрациите на волшебникот, како што критиката го нарекува Кондовски, е отворена во рамките на второто издание на меѓународниот фестивал за литература и илустрации „Литера“.

Големиот потфат да се организира вака значајна изложба значеше голем чекор за тимот на фестивалот, кој во соработка со семејството Кондовски, овозможи што е можно повеќе љубители на уметноста да уживаат во ремек-делата, велат од „Литера“.

 

 

Изложбата беше отворена на 14 октомври и за само две недели, почитувајќи ги ковид-протоколите, ја посетија неколку стотици вљубеници на уметноста. Оригиналните илустрации на антологиските „Зоки Поки“, „Алиса во земјата на чудата“, „Колибата на чичко Том“, „Џиновски сликовници“, корици на „Росица“ и многу други списанија и наслови ги красат просториите на „Мала станица.“

За време на изложбата се реализираат неколку работилници посветени на децата, а под мотото „Емоцијата има своја боја“. Деца од различна возраст се инспирираат од делата на Кондовски и создаваат свои нови. Работилниците ги реализиравме во соработка со општината Центар.

Ви споделуваме дел од импресиите што по посетата на изложбата ги споделија уметници, критичари, новинари.

 

 

Ладислав Цветковски, професор: „Дали има нешто подобро од тоа со студентите часот по графички дизајн да го поминеш опкружен од неповторливите илустрации на Димитар Кондовски, великанот на македонската уметност и еден од првата петорка професори на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.“

 Сотир Трајков, новинар: „Прекрасна изложба! И деца и возрасни, кој не дошол, да помине да ја види! Ме трогнаа илустрациите на Кондовски, потсетувајќи ме на прочитаното во детството. Па, се прашав, зошто животот го изгуби привидот на невиноста, убавината, сигурноста? Зошто дозволивме најмладите да уживаат во естетиката на грдото? Ах, Кондовски, сосема ме разнежни!“

Никола Пијанманов, сликар: Волшебниот свет на Кондовски! Честитки за беспрекорната поставка! Алал за „Литера“!

Мимоза Петревска, новинар: „Кога илустрацијата беше душата на книгата, а книгата – душата на нашето детство! Топло препорачувам!“

Александра Јуруковска, уредник на културната рубрика на „Алфа ТВ“: „Кондовски ме потсети на онаа познатата – треба да се порасне колку дете! А колку се само безвременски илустрациите, каков колорит, цела студија, цел свет се неговите илустрации“.

Фестивалот „Литера“ е во организација на центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ од Скопје.