Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска, заедно со генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити присуствуваше на настан на којшто беа донирани инкубатори за предвремено родени и болни бебиња сместени на Одделот за неонатологија, педијатрија и цистична фиброза на Универзитетската клиника за Детски болести во Скопје.
Г-ѓа Ѓоргиевска истакна дека денешниот настан е свечен крај на една донаторска акција којашто е започната непосредно пред почетокот на пандемијата и се работи за набавка на високо софистицирана опрема – инкубатори, коишто ќе бидат поставени во одделението за неонатологија кадешто се грижат за најмладите бебиња.
„Верувајте дека грижата за предвремено родените за болните бебиња бебиња треба да претставува исклучително важен приоритет и во таа смисла беше и желбата да се набави оваа опрема и на таков начин да се спасат што е можно поголем број на животи. Во последните две години во Македонија се забележува позитивен тренд во смисла на намалување на смртноста кај предвремено родените бебиња и сметам дека и оваа донација ќе помогне во тој правец’, рече сопругата на претседателот.
Г-ѓа Ѓоргиевска се заблагодари на сите коишто се одзваа на оваа хуманитарна акција, пред се на хуманите граѓани и на општествено одговорните компании.
„Тие препознаа дека навистина има потреба од вакво нешто, особено во овие тешки моменти на пандемија, и сепак се решија дека треба да донираат во овој правец, бидејќи видовме дека и децата не се поштедени од Ковид-19, истакна г-ѓа Ѓоргиевска.