Министерството за образование и наука информира дека годинава државната матура ќе се одржи во предвидениот законски рок, односно јуни 2021 година. Полагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно образование и се спроведува според Правилникот за полагање испити од државната матура.
МОН ги известува учениците од четврта година дека пријавувањето на матурските испити се одвива во соодветниот законски рок и затоа ги повикуваме матурантите до крајот на месецот да ги пријават темите за проектната задача, а до крајот на декември да ги пријават и испитите од листата за полагање, којашто е проширена со уште нови два предмета.
Сојузот на средношколци сметаат дека испитите по државна матура не треба да бидат полагани во 2020/2021, туку да ја изработат само проектната задача. Тие сметаат дека полагањето матурски испити припаѓаат на едно застарено образовно решение.
Министерството за образование и наука соопшти дека полагањето завршни испити од државна матура е дел од образовните системи на сите европски земји и земјите од регионот како што се Словенија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Албанија. Во овие земји матурските испити се реализираат непречено и со почитување на сите здравстени и безбедносни протоколи, а пандемијата не беше пречка матурските испити да се организираат непречено и во континуитет.