Бесплатна вакцинација против сезонски грип на здравствените работници

Сподели

 

Министерството за здравство информира дека во сезона на вакцинација против сезонски грип, за првпат е овозможено бесплатната вакцинација на здравствените работници да се спроведува во нивните матични установи, наместо да одат како и досега во Центрите за јавно здравје. Ќе се опфатат здравствените работници кои пројавиле интерес за вакцинација од јавно-здравствените установи во државата.
 
„На овој начин, вакцината ја направивме подостапна за сите здравствени работници, како една од ризичните категории, чија заштита во услови на Ковид-19 пандемија е многу значајна. Во првата испорака до установите се обезбедија 2.790 вакцини. Во најбрз рок ќе бидат испорачани и дополнителни количини поради големиот интерес помеѓу здравствените работници,“ се вели во соопштението.
 
“За првпат овозможивме бесплатната вакцинација против сезонски грип на здравствените работници да се спроведува во нивните матични установи. Тие досега одеа во Центрите за јавно здравје. Здравствените работници се една од ризичните категории и како никогаш досега, оваа сезона е од особена важност спроведувањето на вакцинацијата. Ги заштитуваме здравствените работници, со што ќе го намалиме заболувањето помеѓу нив, бидејќи тие се од суштинско значење во одговорот на коронавирусот”, – изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
 
Од Министерство за здравство потсетуваат дека во вторникот почна вакцинацијата против сезонски грип, а граѓаните можат да закажат термини за бесплатно вакцинирање преку својот матичен лекар. За оваа година, набавени се 40 илјади дози, 12 илјади дози повеќе од минатата година, се додава во соопштението..