Захариева: Северна Македонија во ЕУ кога ќе биде подготвена

Сподели

 

Рeпублика Северна Македонија ќе има место во Европската унија кога ќе биде подготвена. Во моментов, Бугарија смета дека не е подготвена, изјави бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева за „БНТ њуз“.

 

 

-“Бугарската дипломатија не може да си дозволи да води политика на оцрнување на друга земја, што за жал, ја гледаме во Скопје. Ние сме земја-членка на Европската унија, рече Захариева за БНТ пред денешниот министерски состанок на ЕУ на кој се очекува да стане збор за преговарачката рамка за Северна Македонија.

Според неа, има три работи што Бугарија ги бара, а без кои не може да ја одобри преговарачката рамка.

-“Тоа се три главни работи. Придржување кон формулата за јазикот од 1999 година, која беше потврдена и во 2017 година. Патоказ за спроведување на Договорот што треба да се набљудува во текот на целиот преговарачки процес и експлицитен текст дека во никаква форма нема да се поддржуваат претензии за македонско малцинство во Бугарија.

Властите во Скопје многу погрешно сметале дека Софија ќе биде „притисната“ за да ја смени својата позиција.

Бугаријa продолжува да биде поддржувач на проширувањето на ЕУ и тоа не е само декларативно. Упати совет до Скопје да не се откажува на првата потешкотија со која се соочува на патот кон ЕУ – одобрувањето на рамката за преговори.

-“Тешкотиите допрва следуваат, процесот не е лесен. И Бугарија тргна по таков пат. Потоа, кога страстите ќе стивнат, вклучително и во Бугарија и ќе почне да се размислува помалку емотивно, кога ќе престанат да се држат до градење држава заснована единствено на антибугарската идеологија – тогаш ќе добијат многу повеќе”, изјави Захариева.

Таа најави дека планира да се појави пред бугарскиот парламент и да одговори на сите пратенички прашања во врска со РС Македонија, откако минатиот петок тоа беше одложено поради службено патување во сранство.