ИЈЗ: За 35,4% зголемен бројот на смртни случаи од Ковид-19

Сподели

 

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 9 до 15 ноември тестирани се вкупно 20.980 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 6,4 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 7.355 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со незначително зголемување во однос на минатата недела, кога беа регистрирани 7.280 нови случаи, соопшти Министерството за здравство.

Најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје (n=3.305; 44,9 отсто), со неделна инциденца – 535,1/100.000. Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 35%, намалување за два отсто во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1646, 22,4 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 години (n=1496; 20,3 отсто), од 40 до 49 (n=1435; 19,5 отсто), од 50 до 59 (n=1410; 19,2 отсто) и од 20 до 29 години (n=961; 13,1 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=120; 1,6 отсто) и од 10 до 19 години (n=287; 3,9 отсто). Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.731 (50,7 отсто) лица од машки и 3.624 (49,3 отсто) од женски пол.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 3.524 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 11,6 отсто повеќе од минатата недела.

Пријавени се 172 смртни случаи од 23 града, зголемување од 35,4 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 135 лица биле над 60 години, 26 лица на возраст од 50 до 59 години, девет смртни случаи се пријавени од возрасната група од 40 до 49 години и два случаи во возрасната група од 30 до 39 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 155 или 90,1 отсто.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/