Дали Брисел е доволно сериозен во своите напори регионот еден ден да стане дел од ЕУ?
Книгата „Балканизирање на европеизацијата: Борбата против корупцијата и регионалните односи на Западниот Балкан“ (“Balkanizing Europeanization: Fight against Corruption and Regional Relations in the Western Balkans”) што имав чест да ja уредувам со мојот колега Владимир Вучковиќ од Универзитетот Масарик, беше делумно насоченa кон испитување на перспективата на владеењето на правото во регионот, a намерата на тимот автори со кои работевме беше да се направи сеопфатен преглед на борбата против корупцијата на земјите од поранешна Југославија кои се кандидати или потенцијални кандидати за влез во ЕУ.
Откако дојдовме до една мрачна слика за регионот, ставот ни беше дека европеизацијата на Западен Балкан до 2019 година во однос на споменатото прашање е прилично ограничена. Гледајќи ги најновите документи на ЕУ за регионот, се чини дека во меѓувреме се случиле многу малку суштински промени, ако и воопшто се случиле, со што се доведува во прашање самата подготвеност на земјите од Западен Балкан да се справат со корупцијата на нивниот пат кон ЕУ.
Корупцијата е спомната 88 пати во најновиот документ на ЕУ за Западен Балкан и Турција (Комуникација за политиката за проширување на ЕУ од 2020 година), објавен на 6 октомври годинава. Напоменувајќи дека корупцијата станала „широко распространета“, Унијата во многу наврати укажува дека регионот и натаму е заглавен во проблеми што претставуваат „вистински закани за демократските структури и за стабилна и транспарентна деловна средина“. Без сомнение, токму системската корупција, особено онаа што вклучува политички елити и високи нивоа на власт, како што се укажува во гореспоменатиот документ, го претставува главниот проблем против кој земјите од регионот ќе треба да се изборат во следниве години. Јас сум донекаде скептичен за волјата и подготвеноста на регионот да се вклучи во ваква борба, не само поради малиот број примери за успешно справувањето со корупцијата во изминатава деценија, туку и поради неколку дополнителни причини објаснети во продолжение.
Како понатаму?
Како прво, Унијата треба многу подетално да ги следи состојбите во однос на системската корупција на Западниот Балкан, за процесот на европеизација на регионот да биде успешен, а не безначаен каков што беше досега. Следствено, „следењето на судењата за случаи на корупција на високо ниво и организиран криминал“, според неодамнешното тврдење на Брисел, навистина може да биде еден од начините за постигнување резултати, но и натаму е многу малку веројатно проблемот со корупцијата да се реши без потемелна и посеопфатна стратегија, за која Унијата активно ќе се залага, но и ќе биде усвоена и применета во пракса од политичките елити во регионот. Меѓутоа, она што сè уште не е познато е до кој степен елитите на Западниот Балкан се подготвени да се борат против корупцијата, имајќи предвид дека тие самите станаа сè повеќе авторитарни и корумпирани во последниве години.
Извор: ceps.eu
Бидејќи има многу докази дека во „сите земји од Западниот Балкан има продорни елементи на неопатримонијализам“, што укажува на тоа дека регионот е длабоко карактеризиран со „заробеност на државата од протекционистичките мрежи“, постои очигледна потреба за повторно разгледување на европеизацијата на овие земји и потребно е Брисел да почне да посветува многу поголемо внимание на туркање на регионот кон суштинска примена на законските регулативи во борбата против корупцијата, што ќе им овозможи на овие држави поефикасно да се справат со овој проблем. Понатаму, постојат членки на ЕУ, главно скандинавските земји или членките на Бенелукс, чијшто целокупен квалитет на демократија укажува на тоа дека нивното искуство во борбата против корупцијата може да биде од голема важност за Западниот Балкан, што овозможува да се направи позначајно пренесување знаења по ова прашање.
Брисел треба да се вклучи
Освен тоа, Брисел треба да ги засили своите напори за помагање на демократијата во регионот, преку поддржување на граѓанските опции што станаа многу маргинализирани, за да им се помогне на овие политички актери да станат политички елити еден ден. Сосема е неоправдано да се очекува сегашните политички елити во регионот, од кои повеќето ги имаат изградено своите клиентелистички и авторитарни системи врз основа на искуството од 90-тите години на минатиот век и наследството од конфликтите и криминалните мрежи, сами да се ангажираат за расклопување на клиентелистичките мрежи што постојат во нивните земји.
Во истражувањето за Србија и Косово, каде ги испитувавме клиентелизмот и политиките на неформална моќ во овие две држави, со мојот колега што живее во Лондон, Бранислав Радељиќ тврдиме дека авторитарните склоности на овие политички елити се формирани на огромни неформални мрежи на моќ, кои постепено се развивале со текот на времето и значајно го попречуваат напредокот на регионот во процесот на европеизација. Овие неформални мрежи на моќ и влијание се доволно сеопфатни за да вклучат формални и неформални играчи во процесот на општествена трансформација, честопати врзувајќи ги поединците кои припаѓаат на или лично се блиски со политичките елити со оние кои припаѓаат на економските елити со оние кои припаѓаат на криминалното подземје, создавајќи мрежа на лични интереси што е многу тешко да се расплете во држави кои страдаат од слаба институционализација.
Приватни наспроти јавни интереси
Оттаму, ова значи дека општествата во регионот во суштина се дојдени до позиција на заробени држави, каде често е невозможно да се одделат јавните (доколку ги има!) од приватните интереси и каде политичките и економските елити имаат претежно негативно влијание врз државната трансформација. Ова прашање неодамна беше разгледувано на Форумот за безбедност во Белград, при што приватните интереси во управувањето со јавните средства и пропратната злоупотреба на јавните ресурси и натаму се едни од најголемите предизвици за демократизацијата на регионот.
Иако авторитарните елити можеби навистина се причината поради која досега во регионот немало конфликти, се чини дека нивното постоење не само што се покажа штетно за квалитетот на демократијата во регионот, туку во исто време и укажува дека процесот на проширување на Европа станува дискредитиран. Многу е тешко да се прифати фактот дека држави како Црна Гора и Србија, и двете предводнички во процесот на регионална интеграција во ЕУ, во исто време претставуваат земји каде што е постигнат само „ограничен напредок“ во однос на борбата против корупцијата. Токму овој факт го доведува во прашање значењето на процесот на европеизација и воопшто на европска интеграција, што предизвикуваа некои да го постават прашањето дали Брисел е доволно сериозен во своите напори регионот еден ден да стане дел од ЕУ.