Плоштад Македонија, 3. декември во 12.часот, Ретроспективна изложба на Власта Делимар „Четириесет години љубов кон уметноста на Власта Делимар“
Кураторка: Ивана Васева
Изложбата „Четириесет години љубов кон уметноста на Власта Делимар“ во Скопје би се манифестирала преку архива на нејзини минати дела, како и понуда од реизведби на перформанси од самата авторка, во обид да се извлече архивата на времето во нејзиното тело или што точно нејзиното тело памети. Реенакментите или реизведувањето на идеите преку нејзиното тело нема за цел да ги повтори работите онака како што биле, туку критички да се пристапи кон нив – колку тие се промениле, дали биле доволно критички и јасни и дали токму таквата субверзија била „најправилниот“ пристап во овој свет преполн со манипулации.
Но во овој сегашен момент се соочуваме не само со тоа како да се „предаде“ перформансот од минатото туку и флуидниот, ранлив и минлив карактер на самиот перформанс – дали во форма на реенактмент од самиот автор, како жива архива или како документација, се соочува со уште посериозен удар, а тоа е токму неговата изведба. Како да се изведе кога владее пандемија на коронавирус?Ангажирањето на тела во специфичен простор, време и начин стана ризична мисија, како впрочем и целото восприемање на уметноста и културата. Но се чини дека творештвото на една од најпознатите перформанс уметнички во Хрватска и пошироко, Власта Делимар, во овој меѓупериод, може да нè поттикне да размислуваме за работите – онака како што биле и како ќе бидат – и за тоа во каков свет живееме и каков свет посакуваме. Пандемијата нè соочи со уште едно нешто – сигурноста на домот на уметноста кој уште повеќе ја засилува автономијата на уметноста во нејзината најбуквална варијанта и доколку остане само таму, таа може да биде каква што сака, да биде сè – додека се наоѓа во својот дом. А уметноста на Власта Делимар не може да биде таква.
Таа не може да се конформира, особено затоа што постојано нè потсетува на неконформноста со секојдневниот шовинизам и сексизам, на неподлегнувањето на притисокот од нормирањето, од општествено наметнатите конвенции за женската сексуалност, сексуалниот идентитет и родовата рамноправност, на патријархалното општество и малограѓанскиот морал, на нескротувањето на уметниковата идеја сè додека трае ова, но и на човечноста, искреноста и веродостојноста. И на тоа таа постојано и неуморно нè потсетува, со присуството на нејзиното тело, како што нè потсетувала од почетоците на својата кариера, како што забележува и Розали Голдберг во своите еротизирани настани како „Свадбата“, која ја истражувала сексистичката идеологија и ја вклучува во својата позната книга.
А присуството на нејзиното голо, природно,егзистенцијално, немирно, неразубавено и непоколебливо тело го потенцира неговото отсуство во земјава, но и постојано го потенцира отсуството на знаење за прифаќање на различноста, отуството на сфаќање за другиот, па и за себе си, етикетирањето, неискрената врска со себе и скриените и потиснати предрасуди. Делимар е бескомпромисна во она што го прави и во текот на сите 40 години. Останала доследна и не потпаднала под никакви трендови. Во целата општествена промена, таа е единствената константа – „за неа времињата не се менуваат.“ „Во некоја смисла може да се каже дека целокупниот опус на Власта Делимар е голем проект на (само)спознавање; деконструктивни (конструирачки) провокации на општествениот идентитет, структури и институции и нарушување на комфорноста која во вообичаени околности од нив и произглегува“ .
Оваа нејзина изложба си игра со присуството и отуството. Со еден критички начин на кој функционирала сцената со својот институционализиран модернизам кој не се занимавал суштински со себекритика и преиспитување на својот самоколонијален или автоколонијален став од западните центри на моќ, а од друга страна и со она што таа треба да нè потсети – дека телото памети и не се откажува од својата борба за слободата на изразувањето во која било форма.
Изложбата „Четириесет години љубов кон уметноста на Власта Делимар“ вклучува три видео перформанси: „Прошетка како Лејди Годива“, „Двајца мажи и една жена” и видео перформансот специјално подготвен за оваа изложба и насловен „Копнеж за Македонија“, кои ќе бидат прикажани на голем видео екран на плоштад Македонија.
(извадок од кураторскиот текст за изложбата)
*
Власта Делимар (1956 година, Загреб) е една од најпознатите и најзначајните уметнички на денешнината. Таа е една од клучните фигури кои го дефинирале современиот перформанс низ призмата на сопственотот тело како медиум и содржина – женското, голо тело кое и во денешното општество сè уште не престанува да биде точка на контроверзии. Истражувајќи го во своето творештво феминитетот, женско-машките односи и стадиумите на животниот циклус – од младоста и желбата, преку партнерството и мајчинството, па сè до стареењето – во јавниот простор изнесува автобиографски наративи што го преиспитуваат разграничувањето помеѓу јавното и приватното и нормативите на политиката на идентитетот. Во 1977 година дипломирала на Факултетот за применета уметност во Загреб. Студирала историја на уметност и етнологија. Членува во Здружението на уметници на Хрватска и Здружението на хонорарни уметници на Хрватска. Делимар е уметничка директорка на организацијата „Мојата земја, Штаглинец” и е организаторка на Меѓународниот фестивал за перформанс во Штаглинец. Таа е бескомпромисна во критиките на идеологиите со кои се занимава во својата уметничка кариера што ја започнала во раните 70-ти години на минатиот век. Добитничка е на наградата „Седум секретари на СКОЈ“ во 1986 година. За себе вели дека не поддржува идентификација или припадност на која било идеологија, религија, политичка партија или држава, а се залага за човековите права, слободата на индивидуалноста, почитувањето на различностите и екологијата. Таа има богата интернационална кариера и досега се претставувала во Белград, Белфаст, Берлин, Болоња, Будимпешта, Бидгошчт, Бафало, Дуизбург, Франкфурт, Женева, Глазгов, Грац, Касел, Клагенфурт, Кјото, Лондон, Лион, Њујорк, Одензе, Париз, Питсбург, Квебек, Прага, Сараево, Сиднеј, Санкт Петербург, Солун, Тел Авив, Токио, Трст, Упсала, Виена, Вајмар, Загреб итн.
Поддржано од Министерство за култура на Република Северна Македонија.
denesmagazin.mk