Честитка од претседателот Пендаровски по повод еврејскиот празник Ханука

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски по повод еврејскиот празник Ханука, упати честитка до г-ѓа Берта Романо-Николиќ, претседател на Еврејската заедница на Република Северна Македонија, како и до сите припадници на Eврејската заедница во Република Северна Македонија.

“Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Северна Македонија ви го честитам големиот еврејски празник на светлината – Ханука.

Ханука е потсетување на воената победа на Макабејците со која Евреите ја одбраниле фундаменталната слобода на вероисповед, го ослободиле Ерусалим и, палејќи ги свеќниците на Менората, одново го посветиле Храмот. Но, Ханука е и празнување на една потрајна духовна победа. Еврејскиот народ успеа да ги преживее сите раселувања, прогони, погроми што кулминираа со Холокаустот затоа што не се откажа од надежта. Во таа смисла, светлината на Ханука трае до ден денес.

Надежта ни е особено потребна во овој период на глобална неизвесност поради пандемијата на КОВИД-19. И покрај бројните предизвици, ние во Република Северна Македонија мора да продолжиме да градиме солидарно, праведно и слободно општество во кое ќе се почитува вредноста на човековиот живот и различноста како вредност на општеството. Уверен сум дека Еврејската заедница ќе продолжи да дава значаен придонес кон нашата заедничка иднина.

Честитајќи го празникот на светлината и надежта, на сите припадници на Еврејската заедница во земјава им посакувам мир, благосостојба и пред се, многу здравје.

Хаг Ханука Самеах” – честита претседателот, Стево Пендаровски.