Идната недела нов закон за регулирање на владиното рекламирање во медиумите

Сподели

vlada_na_rm

Сите медиуми ќе добиваат дел од колачот наречен владино рекламирање. Наредната недела во собраниска процедура влегува нов Закон, кој вчера беше усвоен на Владина седница. Денеска ниту од Министерството за информатичко општество, кое го подготви законот, ниту од Владата, не ја откриваат содржината. Само потенцираат дека ова е реформа што доаѓа по европските забелешки, пренесува Телма.

-Се работи за итен реформски приоритет кој произлегува од насоките добиени од ЕУ за регулирање на начиот на распределба на буџетите за владините кампањи – средствата ќе се распределуваат на сите медиуми. За предлог-законот ке следува широк консултативен процес, велат од Министерството за информатичко општество и администрација.

За Владата, законот за рекламирање и законот за народниот правобранител се приоритетни обврски од Акцискиот план за реформи. Премиерот Емил Димитриев вчера изрази оптимизам дека сите предвидени закони ќе бидат донесени на време благодарение на владината фокусираност. Ги повика на соработка и партиите и невладините.

Состојбата во медиумите и владиното рекламирање беше третирана и во извештајот на европскиот експерт Прибе.

-Купувањето политичка поддршка од медиумите преку финансиско поддржување на медиумскиот пазар е неприфатливо. Мора да се наметнат строги правила за владиното рекламирање, се вели во Извештајот на Прибе.

Рекламирањето на Владата во одредени медиуми беше едно од централните прашања што четирите партии се обидуваа да го решат на маратонските преговори во Клубот на пратениците. Договорија: мораториум неколку месеци пред изборите планирани за април, но не и трајно решение. Опозицијата и дел од експертите реагираа бидејќи, плаќајќи за реклами, Владата си зема право и директно да влијае врз уредувачката политика. ВМРО ДПМНЕ беше на позиција дека треба да се прифати можноста на добра практика, што значи, финансирање барем на проекти од јавен интерес, како што се безбедноста во сообраќајот или превентивните медицински прегледи. Ова прашање Владата го стави во својот Акциски план како приоритетно. Од СДСМ велат дека со нив воопшто не е разговарано за новиот закон.